Анастасија: Не морате да бидете професионален танчер за да танцувате зумба!

Зумба е танцувачка фитнес програма која ја измислил колумбискиот танчер Алберто Перез во текот на раните 90-ти, но, тука кај нас овој тип на танц е повеќе развиен во текот на последниве неколку години. Станува збор за мешавина од танци како што се хип хоп, салса, самба, мамбо, регетон и многу други.

Анастасија Андоновска (20) од Скопје, е студент на Филолошки факултет во Скопје и за себе вели дека не може да си го замисли денот без благо и неколку часа дружење со зумбата.

Зарем благо и зумба не е малку чудна комбинација?

– После долго време, сфатив дека за да се ослабе, или да се постигне посакуваната тежина, не мораме да се откажеме од нашите задоволства. Порано гладував и не вежбав, а сега, јадам колку сакам и слабеам на интересен начин.

Што те натера да почнеш да танцуваш зумба?

– Пред една година, кога достигнав тежина од 58 килограми, си реков доста е. Почнав да држам екстремни диети, односно да се изгладнувам (читај јадам со очи) и по неколу месеци симнав 2-3 килограми, што по некое време повторно си ги вратив. Бев премногу мрзелива. Вежбањето како фитнес или аеробик ми траеше еден ден, односно секој понеделник нели . :-) Но, тогаш сфатив дека од диети нема полза. Тогаш ми текна на зумба танцот. Почнав да вежбам и се заљубив во танцот!

before-after

Дали треба да си професионален танчер за да танцуваш зумба?

– Не, воопшто! Порано, со мене се подбиваа другарките дека кога се работи за танцување имам две леви нозе (што не беа далеку од вистината). За жал, многу луѓе мислат дека ако не знаат да танцуваат значи дека не смеат да почнат со зумба. Всушност, не е ни важно дали сите чекори ќе се направат правилно, важно е дека телото вложува напор. Нормално, првите неколку дена си се смеев сама на себе за тоа како ги изведувам чекорите, но веќе по една недела сосема ги усовршив и сега знам од секој танц по нешто. Е, сега јас се подбивам со моите другарки! :-)

Колку часа неделно треба да се вежба?

– Па, 3 часа неделно е сосема доволно. Секако, на почетокот важно е да не му направите шок на телото, ако не сакате следниот ден да добиете воспаление на мускулите. Јас првата недела вежбав по 15-20 минути на ден, а веќе од втората недела си додавав по плус 30 минути. Сега веќе без проблем можам да танцувам и по 2-3 часа во денот.

Дали со зумба постигна некаков ефект?

– Да, секако! Како што кажав, минатата година достигнав до 58 килограми (што за девојка од 165 цм и не е баш малку) и слободно можам да кажам дека се чувстував како наполнета вреќа и цело време мислев дека сите гледаат во мене. Сега имам 50 килограми и можам да кажам дека конечно се чувствувам добро во своето тело и сето тоа е благодарение на зумбата. Можам да го облечам кое фустанче сакам, научив да танцувам, и што е најважно – имам поголема самодоверба!

pred-potoa

Што би им препорачала на останатите?

Би им препорачала да не почнуваат со екстремните диети и со трчање на кеј еден месец пред одмор, туку да се обидат со зумба и секако да консумираат што повеќе течности во текот на денот. Среќно!




Коментари

коментари