Бездомник го вратил дијамантскиот прстен на сопственичката која го испуштила во кутијата каде собирал пари

Били Реј Харис, бездомникот од Канзас Сити, се изненадил кога во својата кутија каде што луѓето остаале пари за него нашол голем дијамантски прстен. Иако без проблем можел да го продаде за неколку илјади долари, тој го чувал и следниот ден кога се појавила сопственичката Сара Дарлинг и го вратил. Како знак на благодарност, таа му ги дала сите пари кои ги имала во својот паричник. 

Додека Харис просел на улицата, Сара застанала покрај него и му оставила неколку долари. Меѓутоа, не забележала дека од нејзиниот отворен паричник испаднал и скапоцениот веренички прстен. Неколку часа подоцна, Били Реј кога ги пребројувал парите, меѓу ситните парички забележал парче накит, а како што изјавил за медиумите воопшто не му паднало на памет да го продаде бидејќи знаел дека сопственичката ќе се врати.

Растревожената Сара се расплакала кога сфатила дека го изгубила прстенот кој за неа има голема сентиментална вредност и откако ја пребарала цела куќа, се сетила дека можеби испаднал додека му давала пари на Харис. Следниот ден дошла до местото на кое тој просел и му рекла: „Можеби вчера по грешка ти оставив една вредна работа?“, а тој ја запрашал: „Дали е тоа прстен?“

Пресреќната Сара, која го добила назад својот драг спомен, на чесниот просјак му ги дала сите пари кои ги имала во себе, а интересно е тоа што на Харис ова не му е прв пат да најде скапоцен накит. Пред неколку години, на улица нашол шампионски прстен од Супербол, кој го изгубил еден играч на Окланд Рејдерс. Били Реј го пронашол сопственикот кој го ннаградил со тродневен престој во хотел со пет ѕвезди и голема парична награда.




Коментари

коментари