Категории

Чудо во село во Венецуела – Морето исфрла на брегот златни предмети

Жителите на едно село во Венецуела веќе неколку месеци наоѓаат накит и златни предмети исфрлени од морето на локалната плажа.

Меѓу нив е и 25-годишниот рибар Јолман Ларес, кој прв ги откри, како што вели, морските подароци.
„Ова е првпат да ми се случи нешто толку посебно, почнав да се тресам и плачам од радост“, изјави тој за Newyork Times, раскажувајќи го моментот кога пронашол златен медалјон со ликот на Дева Марија.

Веста брзо се прошири, па другите жители на малото рибарско село Гуака притрчаа на плажа. Многумина имаа среќа да најдат накит, претежно златни прстени кои потоа би ги продале за да купат храна. Досега се пронајдени стотици златни и сребрени прстени, медалјони, па дури и грутки злато, што им донесе голема радост на селаните кои се борат со кризата предизвикана од епидемијата на вирусот корона.

Лабораториски анализи покажаа дека накитот не е постар од 70 години. Неговото потекло не е познато, но локалното население верува дека пиратите или морнарите кои долго време недостасувале имаат врска.

Некои веруваат дека тоа е дар од Бога, додека други тврдат дека накитот е проколнат и не треба да се допира.

Прегледи:
601
Објавено на:
11.02.2021