ДА ПРАЗНУВАМЕ, ДА СЕ РАДУВАМЕ И ДА СЕ СПЛОТУВАМЕ!

Секогаш подготвен за одговори, актерот Сашо Ристовски, познат од Македонските приказни, по бројните и карактеристични улоги додека беше член на Охридскиот театар, а пред година и пол станува член на ансамблот на Театар Комедија, за потоа да биде именуван како в.д. директор на Театар Комедија, нашата екипа му постави неколку прашања поврзани со празникот Божиќ.

1. Дали сте верник ?

– Да верник сум. Си ја почитувам својата христијанска вера, но ги почитувам и другите вери. Ако си ја почитуваш својата вера ги почитуваш и другите вери. Драго ми е што имам пријатели и од другите вери и преубаво е чувството кога ти ги честитаат празниците пријателите од друга вера, а морам да признаам дека и јас не сум изоставил никому да не честитам верски празник. Многу често знам да си појдам на молитва во црква или да посетам некој манастир. Сметам дека треба да ги празнуваме верските празници, да се радуваме на нив, бидејќи со тоа се сплотуваме меѓусебно.

2. Каков е вашиот став за апелот да не се палат огнови?

– Не гледам зошто да не се палат. Тоа е традиција на многумина и мислам дека луѓето треба да си продолжат. Убав е тој миг и зошто да се ускрати некому. Нема потреба. Обичај е кај народот и мислам дека треба да се продолжи.

3. Сте биле ли коледар?

– Да. Како дете не спиев за да го дочекам мигот кога со другарчињата ќе тргнеме на коледарење. Се присетувам дека бевме големо друштво и пеевме Коледе леде…на цел глас. Мигови кои ќе ги паметам цел живот. Сега сѐ помалку има дечиња кои доаѓаат на врата, но кога ќе дојдат им се радувам премногу и ги терам да пеат на сиот глас.

4. Обичајот кај нас за Бадник е да се прави лепче со париче. Колку пати ви паднала паричката?

– Да, кај нас е така е обичајот, некои прават и за Василица. Кај нас за Бадник. Многу ретко мене ми паѓа паричката. Секогаш ме заобиколувала, но лани падна кај мене и се радував многу. Се радувам и на Бадник ден пред Христовото раѓање. Секогаш на софрата има посна сарма, гравче, маслинки, риба… посна трпеза која ја оставаме после јадењето да не се крене бидејќи така бил обичајот. На тој ден секогаш одам в црква и секако на ден Божиќ. Вечерта на бадник сум дома бидејќи си е така редот.

5. Божиќ е празник на Христовото раѓање. Како го минувате вие овој празничен ден?

– Јас се радувам многу на овој ден. Денот ми започнува со станување порано, одење в црква, потоа на семеен ручек. Заедно со своите. Вечерта или доаѓаат гости кај нас или ние одиме кај роднини. Тој ден се поздравувам со многу познатиот поздрав Христос се роди, вистина се роди. Секогаш во духот на традицијата.

6. Што би им порачале на нашите читатели?

– Би сакал да им го честитам празникот, да ги следи среќа, бериќет и благосостојба. Да си се сакаме меѓусебе, да се почитуваме и да не забораваме да си ги славиме празниците и кога сме во добро и кога сме во лошо. Да веруваме во доброто. Христос се роди. За многу години, среќа, здравје и добра мисла да ве води.

 




Коментари

коментари