Категории

Десетте фудбалери кои ги посакува Мурињо за својот Јунајтед

Англиските медиуми се убедени дека Луи Ван Гал ќе си замине од „Олд Трафорд“ по крајот на сезоната и дека неговата менаџерска функција ќе ја наследи ценетиот португалски стручњак Жозе Мурињо, но дефинитивно најдалеку во претпоставките отиде таблоидот „Дејли меил“ кој во своето издание ја издвои листата од 10 фудбалери кои „специјалниот“ ќе се обиде да ги доведе во Манчестер Јунајтед.

Реномираниот медиум потенцира дека поранешниот менаџер на Челси на секаков можен начин се подготвува за својата авантура на „театарот на соништата“, а една од првите негови задачи сигурно ќе биде да го зајакне составот и да донесе неколку звучни имиња во тимот.

Практиката во изминативе два преодни рока покажа дека Јунајтед нема никаков проблем да издвојува големи суми на пари за доведување на нови фудбалери, па токму поради тоа се смета дека Мурињо ќе добие голема слобода при бирањето на трансфер пазарот.

Иако ќе биде многу тешко да ги доведе сите имиња кои ги има запишано во својот список, информациите велат дека неговиот лов најпрво ќе започне со ангажирање на врвен напаѓач, а на врвот на листата се Единсон Кавани од ПСЖ и Хари Кејн од Тотенхем.

Желбите на Португалецот продолжуваат со Рафаел Варан од Реал и Весли Снајдер од Галатасарај, фудбалери со кои имаше фантастичен однос во Реал Мадрид и Интер, а интересно, една од неговите примарни цели во средниот ред ќе биде играчот на Порто, Рубен Невес.

Едни од омилените на неговата „скромна“ листа секако ќе бидат и Џон Стоунс и Семус Колман од Евертон за кои веќе пројави сериозен интерес додека беше на „Стемфорд Бриџ“, а голема е веројатноста повик од Мурињо да добие и Лоик Реми кој доби огромна доверба од стручњакот во турбулентниот период пред неговиот отказ во Челси.

За крај, листата завршува со суперталентираниот 20-годишен Мат Миазга од Њујорк Ред Булс, како и Антоан Гризман кој веќе се споменуваше како негово потенцијално омилено засилување за проектот во тимот од Лондон.

Прегледи:
371
Категории:
Спорт · Фудбал
Објавено на:
01.03.2016