Детската љубов – најмоќното оружје за срцето

Седев на едно од задните седишта во преполниот автобус. Постојано ги преслушував своите омилени песни. Автобусот застана на станицата. Додека преполниот автобус продолжи да се полни, мојот поглед беше привлечен од нешто што донесе насмевка на моето лице.

На станицата, под постојката стоеше едно дете, не постаро од 5 години, најверојатно со својата баба. Стоеше цврсто на своите нозе, додека ветрот дуваше во неговото лице. Со рачињата ја држеше капата на својата глава. Капата, на која пишуваше: ,,LOVE” (Љубов).Автобусот продолжи по патот. Глетката не траеше подолго од дваесетина секунди, но засекогаш остана во мене.

Дали детето го знаеше значењето на моќниот збор на своето капче? Секако дека да. Само тие, најмалите, најискрените, вистински го знаат овој збор. И не само што го знаат, туку и го споделуваат. Многумина, речиси сите, имаме љубов во своите срца, но ретко кој ја има таа чиста, бесценета и совршена детска љубов. Љубов која извира како лава и е моќна да ги стопи и камените срца. Е, со такво оружје, со детската љубов, треба да се војува и освојува. Ветерот можеби лесно би ја дувнал капата на детето, но не и да ја дувне и олади неговата љубов. Оваа љубов е неопходна, зар не?

Давид Велковски




Коментари

коментари