Funk Shui со настапи во Битола и Охрид!

Скопскиот фуриозен бенд Funk Shui викендов прв пат ќе настапи во Битола и во Охрид.

Публиката ќе може да ја чуе нивната музика овој петок во Порта Џез во Битола, а утредента, во сабота, во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Funk Shui е бенд кој комбинира повеќе музички правци и ритмови, создаден во 2010 во длабочините на МКЦ, од тројца музичари (Лука Ѓоргиевски, Михаил Намичев и Давид Николовски) кои создаваат своја лична авторска музика преку долги импровизирачки сесии. Истата година, бендот за прв пат своите дела ги наснимува во вид на четири демо песни под наслов „Got Funk?!“.

 

Funk Shui има издадено два албума, од кои првиот албум „Етер“ во 2012 и „R.E.M“ во 2015 година, во кој на песната „Ме газат“ гостува Ристо Солунчев, а истата година подоцна одржуваат концерт заедно со Чиста Околина.

Во периодот меѓу двата албума, бендот го издава синглот „Огледала“, кој подоцна ќе се најде и на вториот албум, а потоа излегува и синглот „Архетип“ за кој се снима и видеозапис, нумера која своевремено е најсофистицирано и најзрело дело од бендот.

Funk Shui во 2017-та потпишуваат договор со Авалон Продукција, а следната година го реализираат албумот „Импулс“, издание во кое се застапени сингловите „Виулица/Сомнежи?“ и „Стаклени нозе“, а истата година ги издаваат и сингловите „Крик“ и „Деца“. Минатата година Funk Shui настапија на повеќе фестивали во земјава, меѓу кои и Skopje Calling заедно со Morcheeba и All you need is love, со Влатко Стефановски и Џибони.




Коментари

коментари