Ѓаволот најлесно нѐ прелажува со онаа реченица: Има време! И потоа животот си поминува!

Мојата мајка умееше да каже: „Сѐ ми преседнува“. Цел живот во грч. Кога ќе живеам?! Знаете како велат, ѓаволот најлесно нѐ прелажува со онаа реченица: „Има време.“

Четврти ден во болничката соба со четири кревети и една иста „песна“. Жената не кажа еден убав збор. Нема благодарам, нема како си. Децата се вакви, синот е најлош, а снаата ужасна! Внуците неблагодарни! Ги растеш од кило месо, а тие така ти враќаат!

 

Ја гледав и се чудев. Синот секој ден доаѓаше за време на посетата, снаата познаваше некоја сестра на одделението, па успеваше да влезе и кога не беше дозволено. „Здраво, само да ја видам!“ ќе слушневме пред ходникот, а потоа ќе се појавеше млада и убава, грижлива жена.

„Еве мајко, ти донесов банани.“

„Што ќе ми се банани?“

„Да ги изедеш, да се освежиш, да поделиш со жените.“

„Одлично, ме донесоа во болница па ми носат банани!“

Снаата ништо не коментираше на тоа. Со денови истата песна. Никој не и одговара. Староста е затвор. Животот е мака. Додека беше жив оној мојот не смееше така. Но, кога ќе остариш никој не те гледа! Најдобро е човек да умре.

Кога дојде третата жена во нашата соба, иста како што е таа, се жалеа во дует. На соседите, на мажите, на живитите и мртвите, на работата некогаш, на шефиците кои им намалувале плата, на сестрите кои подобро се омажиле, а на децата најмногу.

Дали ги родивте за да се жалите на нив?

Но, четвртиот ден во болничката соба со четири кревети, дојде четвртата жена, и конечно оваа песна прекина. Првата почна да се жали: децата вака, децата така.

Старост, болест, животот е мака наталожена во мака. А децата, ги чуваш, ги негуваш, не те приметуваат! Само се гледаат себеси и своето семејство!

„А кого треба да гледаат?“

„Молам?“

„Кого треба да гледаат наместо своето семејство?“

„Па мајката, таткото, своите родители!“

„Таму каде што односите се здрави, родителите се семејство.“

„Дали сакаш да ми кажеш дека сум нездрава?! Какви односи? Засрами се!“

„Сакам да кажам дека децата не ги раѓаме за да нѐ гледаат во староста. Не ги чуваме поради себе, туку ги растеме за нив, или како што велите вие, нивното семејство. Тие треба да имаат свои животи, а ние свои, а не да бидеме себични.“

„Кој е себичен? Што да се потрудам?! Јас доволно се трудев! Каков црн живот? Сѐ несреќа до несреќа! Среќа! Од каде мене среќа?“

И потоа одеднаш замолчи. Престана да се жали. Во собата беше тивко цела ноќ. По вечерната визита, не се вклучи светлото. Лежеа и молчеа.

Низ ходникот се слушнаа забрзаните чекори на медицинските сестри кои делеа терапија и се смееја. Некаде околу полноќ, кога се изгаснаа сите светла, се осети чад од цигари од собата на сестрите.

Тогаш првата жена рече:

„Јас никогаш не сум запалила цигара.“

Останатите молчеа и се превртуваа во креветите, очекувајќи повторно да почне. Како во болницата не смее да се пуши, какви се тие жени кои пушат, како таа никогаш не направила ништо погрешно.

„Ми беше срам. Прво од татко ми, потоа од мажот. Па дојдоа децата. Жена не треба да пуши.“

Повторно настапи молк.

„Но, ајде цигари. Тоа можеби навистина не е потребно! Но, дали знаете дека на фризер одев само еднаш годишно? И тоа ако мора. Никој не ми забрануваше, само не знам… Има жени, со свилени чорапи, фустани, одат на бањи. Во мое време на море се одеше и по цел месец, а јас никогаш не сакав. Не смеев. Каде ќе одам јас на море, а свекрва ми дома да зборува како сум отишла да се вртам гола по песокот, наместо да вртам пиперки за зимница? Или не дај Боже, како моите колешки во сред бел ден да ставам црвен кармин. Или се срамев или ми беше страв! Не се смеев, да не кажат дека сум непристојна. Не се радував, да не ме снајде некоја мака. Мојата мајка умееше да каже: „Се ми преседнува“. Епа ми преседна. Цел живот во грч!“

„Плаши се од она, плаши се од ова… А кога ќе живеам?!“ се слушна од четвртиот кревет.

„Е тоа! Цел живот само преживување. Животариш и потоа…“

„И потоа се жалиш на децата кои сакаат да живеат.“

„Им даде сѐ, не е фер, а тие…“

„Се среќни? Па зарем не треба така да биде?“

„Да, така и треба“

„Кога само би знаел човек да го цени она што го има. Младоста, слободниот ден, мажот додека е жив, дури и кога негодува, децата кога се мали и те влечат за здолништето додека ги миеш садовите. Мора да бидеме благодарни. Сѐ поминува. Сѐ поминува додека трепнеш!“

„Дали се сеќавате на она, „се вклучи и третата“ кога децата се мали, ќе паднат, ќе се удрат, а ние ги тешиме – ќе помине? Така се чувствувам. Поминува болката, поминува и радоста. Поминува животот.“

„Знаете како велат, ѓаволот најлесно нѐ прелажува со реченицата: „Има време“. Има време, ќе завршам училиште. Има време, ќе се омажам. Има време, ќе родам деца. Има време, ќе одам на море. Има време, ќе се видам со пријателите. Има време, ќе си играм со децата. Има време, ќе ги посетам родителите. Ден за ден, брзаме, работиме, има време, има време, а животот поминува, не сомелува секојдневието и потоа еден ден сфаќаш – нема време.“

„Што сте развикале вие четири! Време е за спиење, ајде!“, се појави сестрата на вратата.

„Време е, време… Време.“




Коментари

коментари