Чек дис аут
Search


#ИнстаСреќа: Изразувајќи се со фотографија и пишан збор @donnaoctober создава интересна концептуална уметност, во веќе нејзин препознатлив стил

Умее да ги улови деталите, да го стави совршениот момент во рамка, а притоа да ги испише совршените зборови за да креира целосна композиција која ќе ве воодушеви.

Сосема ненаметливо ќе ве шармира со навидум едноставните фотографии, а со секоја една умешно раскажува приказна. Талентираната фотографка и блогерка Дона Неделковска е личност чиј инстаграм профил @donnaoctober мора да го следите.

Внимателно фотографирани и обработени, таа создава романтични, емоционални, деликатни фотографии, кои се вистински мали уметнички дела.

Сака да фотографира природа, места кои ги посетува, цвеќиња, луѓе.

Ја прашавме каде ја наоѓа инспирацијата:

„Инспирација – секогаш различно. Ме инспирираат различни животни ситуации, стихови од песни, филмови…“

 

Вистинско уживање е и нејзиниот блог, кој наликува на дневник од нејзиниот живот.

Ја користи фотографијата за изразување, па често во нејзините објави открива дел од себе, дел од своите емоции, ги покажува сите оние секојдневни нешта, нејзините тетоважи, омилото кафе или пијалок, омилените филмови, преку нејзиниот препознатлив стил.


„Обожавам да се изразувам преку фотографии, исто така обожавам и да пишувам, затоа што тоа ми е како издувен вентил, а и сакам да споделувам мисли со сите, сакам да верувам дека некој ќе прочита нешто на мојот блог во прав момент, па можеби баш тој текст ќе им помогне во некоја ситуација.“

Интересна концептуална уметност се нејзините фотографии, неретко инспирирани од хорор филмовите, но и од природата, најчесто цвеќињата.

Тие се нејзината инспирација и креативноста која ја будат во неа инспирирало интересни фотографии, а во секои од нив преовладува естетиката и убавината.

Иако има два апарати, Canon и Nikon, секогаш го користи Canon. „Повеќе ми одговара, а и го имам повеќе од 5 години и ми е прилично драг и добро го познавам.“ Има многу следачи кои веќе добро го препознаваат нејзинот стил, а алатката која ја користи за обработка на фотографиите е Photoshop CC.

Последниве месеци нејзиниот профил е исполнет со фотографии од Мексико, Јамајка, Мајами…тропски предели и поинаква култура умешно доловени со нејзиниот објектив. Ја прашавме кое место и оставило најголем впечаток од тој дел на Земјата.

„Последните 6 месеци ги поминав таму, и сите тие места имаат нешто интересно и специфично, но сепак Мексико ми е омилено и најдраго, најубавите спомени ми се од таму. Мајами е исто така прекрасно, но сепак Мексико има нешто посебно. Ама, еден совет – иако сите овие места се прекрасни и вреди да се видат, Европа за мене останува број 1 дестинација за патување.“

Не би биле Среќа доколку не ја прашаме што ја прави нејзе среќна.

„Интересно прашање, може да се одговори едноставно ама може да добие и филозофски одговор. :) Еве вака – среќна ме прави кога ги гледам луѓето околу мене насмеани и среќни, а знам дека тоа е поради мене и поради нешто што јас имам направено.“

 

„Исто така, среќна ме прават и патувања, без разлика дали се некаде подалеку, или на поблиски релации кога со пријателите се возиме низ Македонија…“




Коментари

коментари