Избирам да се исклучам понекогаш…

Премногу негативни вибрации има околу нас. Премногу информации, најчесто непотребни, оптеретувачки, бескорисни. Премногу вести, слики, зборови, звуци. Го замислувам мозокот како фиока во која ги трупам сите тие работи. Станува преполна, не можам да ја затворам, сѐ е натрупано и хаотично.

Бирам да се исклучам понекогаш.

Да не бидам достапна.

Да извршувам домашни работи полека и предадено и само на тоа да мислам.

Да готвам полека, рачно да го сечкам зеленчукот и само на тоа да мислам.

Да шетам покрај реката и да гледам во водата и луѓето и да забележувам во која боја се облечени.

Да пијам кафе, да мижам, да го мирисам тој прекрасен мирис и да уживам во секоја голтка.

Да молчам. Да си ги слушам мислите. Да се повлечам сѐ додека не соберам сила да ја расчистам гужвата. Да се исклучам себеси од струја. Да научам да уживам во тишината.

Мирување. Не може секој. Далечен е патот до таму.

Да молчиш. Да се допреш себе во себеси. Да провериш како си. Да се тргнеш од светот и да го тргнеш светот од себе. Да собираш сила, да собираш енергија.

Сѐ додека не почувствуваш дека повторно можеш да се издигнеш, силен, прочистен, смирен и подготвен.




Коментари

[fbcomments]