Категории

Јане Велковски: Немам желби за нова година, знам дека брзо ќе проодам

„Ајде набрзина да завршиме со интервјуто, зашто после сум зафатен, од девет почнува „Партизан“. Вака 11 годишниот Јане Велковски го пречекал тимот на Женски магазин во неговиот дом, во скопската населба Хром.

Во продолжение ви го пренесуваме интервјуто во целост:

Велковски беа наши домаќини и ни дозволија одлблизу да видиме како живее малиот херој кој месецов ја прими третата доза на лекот „спинраза“, за кој родителите на Јане и уште на шест деца долго се бореа. Овој лек, за Јане е надеж дека наскоро ќе прооди, и ќе може заедно со неговите врсници од училиштето „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ да заигра фудбал. Сѐ уште нераспакувани од Њујорк, и полни со впечатоци од говорот на Јане на самитот на УНИЦЕФ по повод Светскиот ден на децата, Велковски ни се извинуваа што не стасале да ја украсат куќата. И без новогодишни светилки, домот на Велковски свети, најмногу поради милата ѕвезда на Јане и на неговиот осумгодишен брат.

Фудбалот е најчестата причина поради која Јане и Оги знаат да се закачаат. Оги е „ѕвездаш“, Јане „партизановец“.

„Еднаш јадевме пица во еден ресторан тука блиску. Тогаш „Партизан“ изигра нерешено против „АЗ Алкмар“. Вработените на пицеријата, за да го закачаат Јане, со кечап напишале 2-2 на пицата“, низ насмевка раскажува Оги. Поврзаноста и блискоста меѓу браќата се забележува веднаш штом ќе ги видите. Нивна најдобра пријателка е Бела, лабрадорот кој емоционално многу помага на целото семејство.

 

Јане е родена ѕвезда, ужива да позира. Откако со нашиот фоторепортер се договорија како е најдобро да се фотографира, и откако Бела стекна доверба во нас и се оддели од својот пријател кој кон кој се однесува заштитнички, почнавме муабет со Јане. За Дејвид Бекам, за почеток.

„Бекам е многу кул, воопшто не се занесува, не се прави ѕвезда. Кога ми пријде да се запознаеме, го прашав кој му е омилен гол што го дал. Ми рече: Оној од половина терен. Се сликавме и си разговаравме. Му раскажав од каде сум и дека многу сакам фудбал. Бекам е супер, ама Погба си е Погба. Тој е најјак“, ни раскажа Јане, додека со мајка му Деница се убедуваше кое капче најдобро му стои за да се слика со него.

„Кога се подготвувавме за патот во Њујорк, не сакавме да му кажеме дека и Бекам ќе биде таму, за да не му даваме лажна надеж. Не бевме сигурни до два дена пред почетокот на собирот. Кога ни потрдија, му рековем на Јане да биде трпелив, да го почека моментот кога ќе може да се види со Бекам“, раскажува Деница, мајката на Јане. „Погледите им се сретнаа, и интересно беше што и двајцата тргнаа еден накај друг во исто време. Кога забележа дека ги сликам, го праша Јане: дали ова е татко ти? Потоа ме повика и мене да се сликаме заедно. Навистина важи онаа изрека дека што си поголем, тоа си поедноставен“, вели Ѓорѓи, таткото на Јане.

За говорот кој го одржа на собирот што се одржа во рамки на „Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето“ вели дека самиот го пишувал. Со онаа негова веќе позната насмевка и со чиста, детска искреност, Јане вели: „Мама и тато ми најдоа само три грешки. Сакав прво да зборувам на англиски, но потоа се предомислив. Сакав да го претставам нашиот јазик“.

Деница вели дека целата таа подготовка за говорот и за настанот за сите нив била стресна, и не очекувала дека Јане ќе биде избран од УНИЦЕФ помеѓу неколкуте деца од целиот свет. Секое дете, во Њујорк било дојдено со своја мисија и порака.

„Имаше многу детали за кои требаше да се погрижиме. Да има бубица додека зборува, за да не мора да го држи листот на кој му беше напишан говорот, да има вода до него. Сѐ беше совршено, до моментот кога се расипа бубицата, па мораа да му дадат бежичен микрофон. Тој не може да ги држи микрофонот и листот истовремено. Го зема микрофонот, и никогаш не можам да го заборавам детето од Украина кое беше до него. Му помогна, му го држеше листот каде што беше напишан говорот за да може убаво да го прочита. Имавме многу трема, но сѐ помина добро“, ни раскажа мајката на Јане.

Таткото Ѓорѓи додава дека дел од сценариото, пред главниот настан бил состанокот на челните луѓе на УНИЦЕФ, кој децата требало да го прекинат, да „упаднат“ на состанокот. „Претходно имаа средба со децата на која се договараа како тоа да изгледа. Кога прашаа кој ќе биде доброволецот што прв ќе влезе во салата, се пријави Јане. Така и беше. Тој влезе прв, децата по него, и извика: Стоп, ние го превземаме вашиот состанок! Потоа имаше и свој настап што не беше дел од сценариото. Ги предизвика директорите на УНИЦЕФ заедно да изиграат игра, а потоа почна да ги прозива, еден по еден“, низ насмевка раскажува Деница.

„Најинтересен беше делот кога стаса до госпоѓата која е во секторот за финансии. Ааа, вие со пари си имате работа. Внимавајте“, така и рече, додава Ѓорѓи. Неговата сопруга со гордост се сеќава дека по тој настан, челниците на УНИЦЕФ, воодушевени се фотографирале со Јане, чекајќи на ред. Слична мудра реченица му кажал и на премиерот Зоран Заев на неодамнешната средба. „Лекот го добивме, сега вие вршете си ја вашата работа“, рекол Јане на средбата во Владата.

Јане пак, е воодушевен од Њујорк. „Го видов местото каде што стоеле кулите близначки, Централ парк, и уште многу места но најмногу ми се допадна „Тајм сквер“. Пак би одел таму“, ни рече при крајот на нашата средба.

За искуството со примањето на лекот, Јане не зборува многу. „Супер е сѐ, не ме боли воопшто“, ни рече, повторно низ насмевка. Неговата мајка е сепак среќна што во болница, на секое примање на „спинразата“ не треба да останат повеќе од два дена. Сега, кога конечно ја постигнаа целта и го добија лекот за кој долго се бореа, тие се радуваат на мали нешта.

„За Нова година немам никакви посебни желби“, скромен е Јане. Тука го прекинува Оги, па се колеба дали да каже. „Јас ја знам желбата. Да проодиш“. „Ааа, тоа. Па, јас уште малку ќе проодам“, со сигурност и со цврстина му одговара постариот брат. Разговорот при крајот на нашето дружење се одвиваше на некои други, „поважни“ теми. За игрите што ги сака на плејстејшн и која најмногу: Фортнајт, Маинкрафт или ФИФА?

Како што најави на почетокот од средбата, така и направи: точно во 21 часот замина во својата соба за да навива за „Партизан“ на мечот протов „Астана“ во Лигата на Европа. Изгледа дека малиот херој му беше среќа на својот омилен тим, по „Манчестер“ се рабира. „Партизан“ победи со 4-1.

Секоја победа на омилениот тим е радост за Јане. Без оглед дали е тоа маалскиот, на нивната „полјана“ во Хром, игралиштето каде што Јане учествува во фудбалските натпревари со своите другари, или некој голем, европски тим. Секоја битка на неговите фудбалери е и негова. Најважната битка, допрва го очекува, битката за неговото здравје. Откако се разделивме со него, бевме сигурни дека ќе ја добие како да е натпревар. Веруваме дека ќе го изигра „машки“ и со иста волја и страст како неговиот пријател Погба.

 

 

Милица Џаровска

фото: Вангел Тануровски

Прегледи:
399
Објавено на:
27.12.2019