Категории

Кафето влијае на процесот на слабеење

Според истражувањето, конзумацијата на кафе може да влијае на процесот на губење на телесна тежина.

Научниците од Универзитетот во Нотингем направиле истражување за кафето, а според резултатите кои ги добиле кафето може да помогне во стимулирањето на кафените масни резерви, познати како кафено масно ткиво. Тие играат клучна улога во брзината на согорувањето на калориите.

Постојат 2 вида на масни клетки, кафени и бели. Тие имаат различни улоги во нашиот метаболизам. Кафените масни клетки согоруваат калории за да произведат топлина, додека белите складираат калории.
„Кафените масни клетки делуваат на поинаков начин од останатите масни клетки во телото. Тие согоруваат шеќери и масти“- истакнал професорот Михаил Симонд од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Нотингем.

До сега никој не пронашол прифатлив начин за стимулирање на кафените масни клетки. Научниците почнале да го тестираат кафето на матични клетки, како би можеле да откријат дали може да ги стимулираат кафените масни клетки. Кога ја пронашле вистинската доза, истражувањето го насочиле кон луѓето.
Во истражувањето учествувале само 9 личности, 4 мажи и 5 жени. Истражувањето е се уште во рана фаза, меѓутоа покажува дека кафето ги стимулира кафените масни клетки. Научниците сепак се уште не знаат која е причината заради која кафето е тоа кое помага во разградувањето на маснотиите.
„Резултатите беа позитивни и сега мора да утврдиме зошто кофеинот делува како стимулатор во активацијата на кафените масти. Кога ќе потврдиме која компонента е одговорна за тоа, потенцијално ќе можеме да ја користиме како дел од режимот за контрола на телесната тежина или како дел од програма за регулација на глукозата со што би се спречил дијабетесот“- вели Симонд.

Прегледи:
559
Објавено на:
28.06.2019