Категории

Како да се откажете од пушењето? Совети за полесно да се откажете од цигарите!

Никој не вели дека откажувањето од пушењето е лесно, особено ако сте пушеле редовно, подолго време. Веројатно ќе треба да се соочите со „глад“ за цигари особено во одредени ситуации, и заради зависноста од никотинот.

Еве една анегдота која ја кажал познатиот писател Mark Twain: „Откажувањето од пушење е лесно. Јас сум го сторил тоа илјада пати.“

Можеби сте се обиделе да се откажете и вие, исто така. Зошто е откажувањето од цигари толку тешко за многу пушачи? Одговорот е никотинот. Тој ствара зависност. Сепак, луѓето секојдневно успешно се откажуваат од пушењето.

Пушачите често велат: „Не ми кажувај ЗОШТО да се откажам од пушење, туку кажи ми КАКО да се откажам.“

Не постои еден прав начин за откажување, но постојат некои клучни елементи во успешното откажување од пушење.

Еве неколку чекори до успешно откажување од цигари. Придржувајте се на овие препораки:

  • Планирајте го вашето откажување од цигари. Одберете го денот кога ќе прекинете, и исфрлете ги сите цигари од куќата ноќта пред тоа.
  • Информирајте ги другите членови на фамилијата, како и своите пријатели дека имате намера да прекинете со пушење.
  • Испланирајте како да постапите за да ги ублажите кризите на глад за цигари, кои секако ќе ги чувствувате во првите неколку дена.
  • Треба да знаете дека секоја криза трае околу 3-5 минути, и ако успеете да не посегнете по цигара, овие кризи ќе се изгубат. За време на кризите т.е. за ургентната потреба за цигара помага ако дишите длабоко, тоа го преокупира вашеѕто внимасние и да не мислите на цигарите.
  • Пијте големи количини вода, тоа ќе ве освежи и ќе ве ангажира, додека не помине кризата. Направете нешто друго, што ќе ви го сврти вниманието и ќе ве држи подалеку од цигарите, но избегнувајте да јадете, бидејќи тоа носи други ризици.
  • Држете се подалеку од други пушачи и од места каде се пуши (кафеани, пабови, барови и клубови). Често пати луѓето потешко се откажуваат од цигари ако пијат алкохол.
  • Избегнувајте ја навиката која ве наведува на пушење. На пример отидете на прошетка, или бидете на места каде не можете да пушите.

Сепак, спомнавме дека не постојат правила и единствен начин за откажување од цигарите. На некои луѓе можеби овој начин ќе им помогне да се успешно решат од ова штетна навика, од пушењето, но на други можеби ќе им биде полесно ако откажувањето го направат наеднаш, без некое претходно планирање.

На пушачите често им се укажува дека најдобар начин за откажување е да направат план, вклучувајќи ден на прекин со пушењето и стратегија со намалување на бројот на испушени цигари.

Во една неодамнешна студија, која го третирала токму овој проблем, пушачите кои се откажале спонтано, без претходно планирање имале поголем процент на успешно откажување од пушачите кои го планирале откажувањето. Резултатите од студијата, објавени во British Medical Journal, изгледа дека ги разнишаа традицоналните препораки за прекинување на пушење.

Но според Д-р. Michael Siegel, професор по социјални и бихејвиорални науки при Бостонскиот Универзитет, кој го истражува однесувањето на пушачите во однос на нивната зависнот кон цигарите, овие резултати се логични и очекувани.

“Планираните обиди за откажување се имплементираат постепено и затоа нивото на мотивација е ниско. Но, непланираните, изненадни обиди веројатно рефлектираат некоја силна промена кај пушачите, и се придружени со голема мотивација за откажување. Затоа овие обиди се поуспешни од планираните“.

Авторите на студијата Robert West и Taj Sohal, ги поврзуваат непланираните обиди за откажување со она што математичарите го нарекуваат „теорија на катастрофа“.

Идејата е едноставна: Како расте тензијата околу пушењето, на пушачите може да им се згади од нивната навика заради релативно мала промена, која доведува до цврста одлука за прекинување.

Понатаму, Siegel изјавува дека студијата укажува дека главно е пушачите да се мотивират да сакат да се откажат од пушењето и дека премногу внимание е посветено на фармацевтските помагала за откажување. „Доколку можеме доволно да ги мотивираме пушачите, тие ќе успеат да ги откажат цигарите, без разлика на начинот на откажување“.

Во оваа студија, истражувачите ги споредиле податоците од 918 пушачи кои имале најмалку еден обид за прекинување со 996 пушачи кои успешно прекинале со пушењето. Речиси половина – 48,6% изјавиле дека прекинале со пушење без претходно планирање.

Всушност, шансите за прекин со пушење барем 6 месеци биле повисоки при непланирано откажување во однос на планираните обиди.

Откажувањето од цигари не е лесно и не му успева на секого при првиот обид. Изгледа дека на повеќето луѓе им требаат неколку обиди пред да успеат во намерата и дека секој следен пат е полесно.

 

Извор: http://www.rak.mk
Прегледи:
1209
Објавено на:
14.04.2017