Категории

КАКО ПИЛУЛИТЕ ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈА ВЛИЈААТ НА ВАШИОТ СЕКСУАЛЕН ЖИВОТ

Антибеби пилулата е еден од најпопуларните и најефикасните методи за контрацепција во светот. Но, поигрувањето со вашите хормони може да влијае и позитивно, и негативно, на вашиот сексуален живот. Еве што треба да знаете ако земате или сакате да почнете со земање антибеби пилули:

Како функционира пилулата

Денес, пазарот нуди голем број различни антибеби пилули. Секоја пилула има различна доза хормони која му помага на телото да ја спречи бременоста. Повеќето од пилулите содржат комбинација од прогестерон и естроген, додека други содржат само прогестерон. Овие хормони спречуваат овулација (испуштање јајце клетка од јајниците), а без јајце клетка нема што да се оплоди, и нема како да забремените.

Но, тоа не е сè – хормоните исто така влијаат на вашиот сексуален нагон, вашите чувства, па дури и на тоа кој ве привлекува.

Како пилулата влијае на желбата за секс

Врската на пилулата со желбата за секс е комплексна. Исто така, за жал, е една од најмалку истражуваните можни несакани ефекти. Со тоа што пилулата го менува нивото на хормоните, а нивото на хормоните е составен дел од желбата за секс, логично е дека пилулата има влијание врз вашата желба за секс.

За жал, сексуалниот нагон не е едноставен како „повеќе хормони=поголема возбуденост“. Постојат огромен број фактори кои влијаат на желбата за секс, како здравствени проблеми, стрес, недостаток на сон, динамиката во врската, психолошкиот став кон сексот, самодоверба, слика за себеси, и чувство на сигурност. Но, еве неколку други можни сценарија.

Начини на кои пилулата може да го намали вашиот сексуален нагон

Да почнеме со тоа како биолошки функционира пилулата. Вашите јајници, кои пилулата ги „исклучува“, се исто така одговорни за создавање тестостерон, хормон кој е поврзан со сексуалниот нагон. Пилулата може да ги намали нивоата на тестостерон во женското тело. Исто така, ги изедначува и стабилизира нивоата на хормони, што значи дека нема да имате покачен тестостерон за време на вашиот циклус. Ако некогаш сте се чувствувале особено возбудено за време на вашиот циклус, покаченото ниво на тестостерон е најчестиот причинител. Повторно, врската меѓу тестостеронот и сексуалниот нагон не е целосно истражена, но пониски нивоа на тестостерон најчесто не влијаат најдобро на женскиот сексуален нагон.

Пилулата исто така може драстично да го намали влажнењето на вашата вагина. Ова може да го направи сексот непријатен, па дури и болен. Некои жени го поврзуваат влажнењето со возбуденоста, па ако се суви, ова го сфаќаат како психолошки сигнал дека не се возбудени.

Ако ја користите пилулата подолго време, се зголемува и ризикот за болки во вулвата. Кога чувствувате болки „таму доле“, сексот и не звучи особено примамливо.

Начини на кои пилулата може да го зголеми вашиот сексуален нагон

Исто така, постојат и голем број начини на кои пилулата придонесува за поголема желба за секс. На пример:

  • Знаете дека нема да забремените, па ова е огромно олеснување. Чувството на релаксираност природно ја зголемува вашата желба за секс (не заборавајте дека пилулата ве заштитува од бременост, но не и од СПБ/СПИ). 
  • Некои жени ја користат пилулата за целосно да го прескокнат циклусот. Ако не ви е пријатно да имате секс за време на вашиот менструален циклус, пилулата ви дава повеќе денови за секс.
  • Користењето на антибеби пилули значи и крај на менструалните болки. Без болките, идејата за секс звучи попривлечно.
  • Некои пилули ги намалуваат акните. Ако имате проблематична кожа и акни, пилулите можат да ја намалат оваа појава. Со поголема самодоверба, ќе се чувствувате поубаво додека имате секс.

Други потенцијални несакани ефекти од пилулата

Покрај сексуалниот нагон, пилулата влијае и на други аспекти од вашиот сексуален живот:

  • Спотинг. Некои жени ќе имаат неколку капки крв и помеѓу циклусите додека ја користат пилулата. Ова е нормално, сè додека спотингот е лесен. Ако се губи поголема количина крв, или спотингот трае подолго од една недела, веднаш обратете се на вашиот гинеколог.
  • Избор на партнери. Некои научници велат дека пилулата влијае врз вашиот избор на мажи. Имено, се верува дека жените кои користат пилула го препознаваат мирисот на мажите со поздрав имунолошки систем и повеќе ги привлекуваат мажи со имунолошки систем сличен на нивниот.
  • Емоционални промени. Пилулата може да ве направи многу нерасположени и особено чувствителни.

Како да го намалите влијанието на пилулата

Ако се одлучите за антибеби пилулата како контрацептивно средство, најдете ја вистинската за вас. Има многу видови на пилули, и вашето тело може да реагира различно на една или на друга. Консултирајте се со вашиот гинеколог, а добра идеја е и да испробате неколку вида на пилули во период од 3-6 месеци.

Ако сте нов корисник на пилулата, обидете се да водите дневник месец или два пред да почнете со нејзиното користење. Можеби звучи напорно, но е одличен начин за да ги следите ефектите кои пилулата ги има на вас. Продолжете месец-два откако ќе почнете да ја земате пилулата, а потоа доволно е да пишувате забелешки еднаш неделно.

Ако ја користите пилулата откако сте сексуално активни, можеби нема да го забележите нејзиното влијание на вашиот сексуален живот. Добро е да направите неколку прекини за да го откриете природниот ритам на вашето тело.

Прегледи:
479
Објавено на:
09.01.2016