Концерт на Влатко Стефановски и неговите гости: „Оган и мраз“ – акустична бајка со безвременска димензија

Влатко Стефановски  одржа два фантастични концерти во салата на  Домот на АРМ во Скопје заедно со сакафонистот и флејтист Васко Атанасовски и Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија кои со своето музицирање присутната публика ја однесоа во некоја друга димензија, на некое друго место, во некое друго време приуштувајќи и вистинска акустична бајка, со безвременска димензија.

Screenshot_1

„Оган и мраз“ , како што беше насловен овој несекојдневен акустичен музички перформанс на група пријатели – врвни инструменталисти кои имаат добра волја и огромна желба заеднички да соработуваат, се покажа како несекојдневно музичко доживување. Комбинација на класични ноти, авторска музика и македонски фолклор, чија стилизација преку симбиозата на стилови доведени до перфекција, беспрекорно концертно ни ја претставија музичките виртуози Стефановски и Атанасовски кои засилени со гудачката формација на камерниот оркестар покажаа дека вистинската музиката има универзална вредност.

11067629_10205398928084369_1362404416_o

Програма која побуди огромен медиумски интерес и беше предизвик не само за публиката туку и за оние кои музиката ја следат професионално, Влатко, Васко и гудачите ја започнаа со две авторски композиции на гостинот Атанасовски, кој има објавено дури 11 свои стилски разнолики албуми и соработувано со дузина светски познати џез, рок, класични и  традиционални музичари.

По нив следеше фантастичната обработка на стилизираната македонска народна песна „Не си го продавај Кољо чифлигот“, каде Стефановски и Атанасовски ја најавија музичката магија, преточена во врвно изведените соло делници и уште поубавите и покреативни импровизации на двајцата виртуози. Се разбира, секој на својорт инструмент.

Во следната композиција Атансовски саксофонот го замени со флејтата, но тој, Влатко и камерниот оркестар останаа во истите води, каде следуваше елегичната изведба на уште една македонска народна песна – „Елено, ќерко“. По неа, уште едно навраќање на творештвото на Атансовски, а потоа одново враќање на корените на македонскиот фолклор, преку феноменалната изведба на „Јовано, Јованке“.

11035205_10205398927684359_176395500_o

Патот кон кулминацијата го продолжија со одличната изведба на „Џипси сонг“, насловната тема на Стефановски од музиката правена за култниот филм на Столе Попов, „Џипси меџик“. Овации, извици, стоечки аплаузи… Магијата на врвното музичко авторство и бравурозната изведба на уметниците немаше кого не го допре во салата. И за крај еуфоријата ја донесе  Влатковото „Калајџиско оро“, кое беше лекција за тоа како се музицира. Во салата на Домот на АРМ експлозија од воодушевување и задоволство што бевме присутни сведоци на уште едно врвно уметничко остварување на Влатко Стефановски и неговите гости кои  низ  „Оган и мраз“  ни претставија една акустична бајка, со безвременска димензија.

11031176_10205398927244348_2030000885_o

Презадоволната публика еуфорично бараше уште, па Стефановски, Атанасовски и гудачите од камерниот оркестар на Словенечката филхармонија, се вратија уште два пати да ја удостојат со своето музицирање. Следуваше вокална реприза на „Џипси сонг“ и  повторно „Не си го продавај Кољо чифлигот“ и… завесата се спушти, а светлата се запалија.




Коментари

коментари