КРАТКО И ЈАСНО ВИДЕО: КАКО ФУНКЦИОНИРА МЕСЕЧНИОТ ЦИКЛУС

Додека ја читате оваа статија, околу 300 милиони девојки и жени ширум планетава имаат едно заеднично искуство: „добиено“. Месечниот менструален циклус е реалност со која речиси сите жени се соочуваат во својот живот.

Ако сте во или сте го поминале пубертетот веројатно веќе знаете доста за вашиот циклус – како на пример која отприлика ви „доаѓа“, колку е обилен, какви симптоми имате пред да добиете. Веројатно веќе имате и апликација на телефонот со која го следите циклусот (што е неверојатно олеснување), а можеби и си проверувате со другарките дали ќе ви дојде во исто време (бидејќи некаде сте слушнале дека кога жените поминуваат многу време заедно циклусите им се синхронизираат). Но колку навистина знаете што точно се случува во вашето тело? И што го прави овој циклус толку универзален? Или што воопшто го прави циклус? 

Во видеото подолу Ема Бруз за TED-Ed во партнерство со кампањата #LikeAGirl, во кратки црти објаснува се што треба да знаете да месечниот циклус. 

Mенструалното крварење вообичаено трае од 2 до 7 дена, се случува еднаш на секои 28 или приближно толку дена, иако секоја жена е посебна кога станува збор за тајмингот. Ослободувањето на одредени хормони – вклучувајќи ги и хормоните кои ги стимулираат фоликулите (FSH), лутеинизирачкиот хормон (LH), естрогенот и прогестеронот – го поттикнува циклусот. На почетокот на циклусот двата јајника складираат илјадници „торбички“ наречени фоликули, од кои секоја содржи една неоплодена јајце клетка. Иако јајниците содржат илјадници јајце клетки, само една се ослободува секој месец. Резултат на ова е или бременост или месечното крварење.

Секој месец хипофизата, жлездата лоцирана во мозокот, започнува со ослободување на LH и FSH во крвта. Кога овие хормони ќе стигнат до јајниците, тие го поттикнуваат растот на јајце клетките; а истовремено фоликулите ослободуваат естроген, кој во овој период го достигнува својот врв. Клетката која најбргу ќе созрее се ослободува од фоликулата, поминувајќи низ ѕидот на јајникот. Овој период се нарекува овулација, и се случува помеѓу 2. и 16. ден пред почетокот на циклусот.

Како што клетката се движи низ јајцеводот, таа треба да биде оплодена во период од 24 часа и да резултира со бременост, во спротивно следи менструацијата. Сега кога јајниците се празни, тие ослободуваат прогестерон, кој предизвикува полнење на мембрана на матката со крв и нутриенти. Причината поради која матката минува низ овој процес е всушност подготовка на терен за раст и развој на потенцијалната оплодена јајце клетка. Ако ништо не стигне до неа, матката се ослободува од ткивото и крвта, што резултира со месечното крварење.  




Коментари

[fbcomments]