Категории

Лето со „Лице в лице“!

Имате пропуштени четива од списанието за одржлив разво „Лице в лице“? Сега имате можност да ги добиете – купувате едно, а добивате две изданија.

Додека цените на производите и услугите вртоглаво се зголемуваат, „Лице в лице“ се спротивставува на ваквиот тренд и иницира мобилен базар на изданија на списанието што отворија значајни теми и прашања низ годините наназад.
Почнувајќи од 6-ти јуни, продавачите на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, на својата публика ќе ѝ понудат две списанија по цена од едно.
Акцијата „Лето со Лице в лице“ е дел од одбележувањето на 10-годишнината на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и уличното списание кое го продаваат наши ранливи сограѓани. Ова е ретка можност читателите да се навратат на пропуштените четива, а во исто време да ја поддржат работната интеграција на лицата со помалку можности.

– Повикот е до сите наши поддржувачи, да се приклучат во зајакнувањето на продавачите и на мисијата на „Лице в лице“. Создадовме повеќе можности за тоа, и тие не се исклучуваат една со друга. Веруваме дека ќе уживате во безвременските содржини, а „Лице в лице“ со оваа акција ќе може уште еднаш да го потврди и својот статус на „задолжителна лектира“, велат од тимот на „Лице в лице“.

Летото е асоцијација за нови авантуристички приказни. Затоа, додаваат тие, „Лице в лице“ потсетува на содржини кои летото на граѓаните може да го направат поисполнето, и да поттикнат на несекојдневни иницијативи.

– Дали знаете дека можете да возите електричен велосипед на Шара, и да јавате коњ? Може да ги видите фантастичните водопади кај Кривошија, или да ја искачите Бислимската клисура? Летната мобилна акција има токму таква цел – да доближи „Лице в лице“ содржини кои потсетуваат на потенцијалите на нашиот туризам, но и на потребата и важноста од одржливото живеење, вели тимот.

За поддржувачите на „Лице в лице“, секако, останува и опцијата за годишна претплата на дигиталната платформа. Такава можност постои и преку индивидуалните веб продавнички на продавачите – овде.

 

 

Прегледи:
136
Објавено на:
06.06.2022