Љубовта ги менува облиците…

Постојано пишуваат за љубовта, тоа е тема која жените особено сакаат да ја читаат. Уште ако станува збор за некоја тажна љубов… жените сакаат да сочувствуваат.

Токму затоа, сфатив дека немам што да кажам на темата љубов. Сѐ би можело да собере во една реченица – Мојот маж е мојата сигурност и мојата љубов. Од првиот ден. Љубовта низ годините се менуваше. Полека. Неприметно, како вода, само зазема друг облик. Станува подлабока. Станува понежна. Станува попријателска.

Ни трага од лудачката страст која жените ја посакуваат. Онаа која јас, како млада девојка ја посакував, гледајќи романтични филмови. Колку што ја посакував во животот, толку и се плашев од неа. Да ми го помати разумот. Да поставам некој маж во епицентарот на мојот живот, потполно да ме заслепи и занесе. Да настрадам. Бидејќи страста има лице, но и опачина. Жар, но и оган. Разорува.

Фала му на Бога тоа не ми се случи. Ми се случи нешто многу подобро. Обичен брак, за набљудувачите. И необичен за 21. век. Најпрво се случи заљубеноста. Кога за вистина на волјата не траеше долго. А по неа се нижеа предизвици кои ги продлабочуваа емоциите. Како тестови за опстанокот на нашата врска, а подоцна и бракот. Тестови на заветот „во добро и лошо“. Секоја бура поставуваше само едно прашање – Дали навистина толку се сакате, дали ќе го преживеете и ова заедно? Да не се свртите еден против друг?

Недоволно пари, периоди без работа, недоволно слободно време, вишок нервоза, првото дете, премногу хормони. многу солзи во улогата на мајка, второ дете, уште помалку слободно време, уште повеќе нервоза, недоволно сон, недоволна помош, малку повеќе пари, премногу пот, судски спорови, селење. Секое од наведените е приказна за себе. Секое од наведените е тајна кладба на нашите познаници – Дали ќе се разведат или не?

Не. Не се разведовме. Јуначки преживеавме сѐ. Рака за рака. Рамо до рамо. Кога ќе ви се случи некоја неволја, љубовта ја покажува својата големина, на дело. Огромната грижа за оној другиот. Наизменичното носење на ранетиот војник во раце. Но, другиот го носи, бидејќи важно е да се движиш. Без запирање.

Кога сѐ ќе помине, ги гледаме раните од еден друг агол, најчесто со насмевка и долги филмски прегратки. Не постојат такви рани кои искрената насмевка, од длабочината на стомакот, не може да ги залечи. Не постојат такви проблеми кои можат да го засенат погледот на нашите деца. Кои можат да не спречат да се заблагодариме на Бога што сме сите живи и здрави. Тоа е она што навистина ни е потребно. Сѐ останато е дополнителен повод за радување.

И така го гледам скришно, веќе цела деценија, како е мој најдобар пријател, посветен татко, лојален другар, добар син, неуморен во мисијата да прави добрина на овој свет и си мислам – Мора да сум направила нешто добро, кога Бог ми го подарил баш него.

Се запрашував зошто браковите се разведуваат побргу отколку што се склопуваат? И ми се наметнува само еден заклучок – исчезнува страста која сите ја посакуваат, пред реалните, секојдневни, обични проблеми. Страста не ја сака жената која се жали како не е наспиена со месеци бидејќи го дои бебето.

Не ги сака страста жалбите на жената дека не може сѐ сама, дека ќе полуди ако не добие помош од мажот. Не сака ни кога мажот ќе каже дека жената одлепила по пораѓањето и станала неподнослива, толку многу што тој мора да бега од дома – на работа или на некоја друга пасија. Не го трпи тоа страста. Страста не знае што е разбирање. Не знае за компромис. Не прави отстапки.

И ако обостраното незадоволство продолжи, страста ги пакува куферите, седнува на првиот лет за Алјаска, и остава тапи погледи на некогашните љубовници кои немо се гледаат, мислејќи секој за себе – Зошто ми требаше ова? Не го сакам. Не ја сакам. Не е тоа тоа. И така браковите во 21. век пукаат побргу отколку што се склопуваат. Бидејќи нема страст, повеќе нема љубов. А љубовта само што почнала да се темели. И ја сечат во корен.

Не, јас навистина немам што да кажам за љубовта. Јас живеам обична љубов, со обичен човек и имам обичен брак во ова необично ново време. Оична љубов која се вербализира преку дела – преку покривањето во студената ноќ да не настинам, преку поправката на автомобилот бидејќи ми треба утре итно, преку реченица – Оди малку излуфтирај се, цел ден си со децата. Преку благодарам… повели… молам… извини.




Коментари

коментари