Категории

„Магијата на Шопен“ овој четврток во Филхармонија

Овој четврток, во 20 часот, во големата сала на Филхармонија, концертен рецитал ќе одржи пијанистот Кристијан Каровски. Концертот е насловен „Магијата на Шопен“ и ќе бидат изведени дела од еден од големиот романтичар и пијанист – Фредерик Шопен.

Кристијан Каровски е роден во Скопје, во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Како особено талентирано дете, своето музичко образование го започнува во класата на проф.Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки оценки и почест “Cum laude”.

Неговата концертна дејност започнува на 9 годишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Кристијан Каровски израснува во пијанист со врвни професионални перформанси и изразита индивидуалност. Покрај многубројните солистички концерти настапува и со Симфониски оркестри со концерти од железниот пијанистички репертоар (В.А.Моцарт,П.И.Чајковски,Е.Григ,К.Сен Санс, С.Рахманинов, С.Прокофјев, Џ.Гершвин…).

Сите негови концертни настапи се одликуваат со зрелост и оргиналност во музичкиот израз. Во повеќегодишната педагошка дејност Каровски се афирмира како истакнат пијано педагог. Неговите студенти покажуваат извонредни резултати на државни и меѓународни натпревари (на кои се лауреати и освојувачи на награди) и претставувања на солистички концерти и настапи со Македонската Филхармонија. Паралелно со педагошката дејност Каровски одржува солистички концерти за кои е карактеристично што секој од нив има нова програма. Во моментов е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје.

Прегледи:
399
Објавено на:
30.11.2021