Мајка која го изгуби синот: „Еве зошто мора да им дозволите на децата да скокаат во калта“

Синди Кембел е мајка која преку својот блог цели да ги охрабри родителите да престанат да се грижат за хаосот, нередот или валканата облека и да им дозволат на децата да бидат деца – да им дозволат да уживаат во наједноставните, но најскапоцени моменти од детството.

Во 2010 година, на 2-годишниот син на Синди, Тај, му бил дијагностициран агресивен тумор на мозокот, кој му го одзел животот непосредно по 5-тиот роденден. Прочитајте го нејзиниот емотивен текст кој ќе ве натера порелаксирано да гледате на калливите активности на вашите деца.

Дете

Јас сум мајка која ги сака калливите вирови. Но, тоа не беше отсекогаш така.

На 4 јули 2010 година, со моите две момчиња бевме на забава. Мојот постар син Тај тогаш имаше 2 години, а помладиот син Гевин имаше само 2 месеца. На зајдисонце, мој пријател ме викна со огромна насмевка на лицето за да видам што прави Тај. Тој стоеше во средината на каллив вир, возбуден и ококорен како дете на Божиќно утро.

Внатрешно, ми доаѓаше да вриснам. Немав чиста облека за пресоблекување, а нè очекуваше долго возење до дома. Помислував: „Ќе го извалка седиштето. Премногу е доцна за капење, ќе си легне валкан“. А да бидам искрена, бев истоштена од тоа што го бркав наоколу цел ден, истовремено грижејќи се за неговиот брат.

Но, се насмеав. Не сакав да мислам на нередот. Сакав да мислам на насмевката што ја гледав. Си напомнував дека тој е само мало момче кое си поминува најубаво само заради тоа што се шлапка во вирот. Сакав да ја видам радоста и позитивноста во сето тоа, како што тоа го правеа луѓето околу мене (Се разбира, ним им беше лесно бидејќи не мораа да се справуваат со нередот и со плачот поради мокрите алишта по патот до дома).

Но, Тај воопшто не се пожали поради своите мокри алишта. Пристигнавме дома доцна, му ги измив рацете и нозете најдобро што можев, му дозволив да си легне валкан и никаква штета не беше направена. Сега, пет години подоцна, не можам да ви опишам колку сум среќна што тој ден го прифатив тој момент со насмевка. Тоа беше прв и последен пат кога мојот син имаше шанса да ужива во таа едноставна радосна активност. Немав претстава што нè чека.

По помалку од два месеца, на Тај му беше дијагностициран агресивен тумор на мозокот. Дијагнозата нè шокира. Ништо не укажуваше на рак. Единствената причина што одобрив да му направат магнетна резонанца беше што се сомневавме дека има главоболки, бидејќи имаше проблеми со спиењето. Во меѓувреме, тој беше незапирлива сила на игралиште, на плажа, во градинка… Совршено здраво, среќно, енергично мало дете. Рак? Невозможно.

Во следните две и пол години син ми издржа 20 операции. Помина 260 ноќи во болничкиот кревет. Беше премногу слаб за да оди уште по првиот третман. Секојпат кога изгледаше како да ќе се опорави, нешто го враќаше во болничкиот кревет. Ракот е многу суров.

Гевин растеше додека за него се грижеа безброј пријатели и роднини кои мораа да помагаат за јас да можам да бидам со Тај. Пропуштив толку многу моменти од најраното детство кои секоја мајка треба да ги искуси. Но, ви тврдам дека кога ќе ги искусев, секој момент ми беше многу поскапоцен. Секој сладок бакнеж, секој отпечаток од раката на прозорецот ми беа богатство. Засекогаш се променив како родител и за тоа сум благодарна.

Тај имаше неодоливо гласче и секогаш велеше дека се чувствува подобро, дури и кога знаев дека има болки. Не сакаше другите да се загрижуваат. Еден ден го прашав: „Што сакаш да правиш кога навистина ќе се чувствуваш подобро?“

Ми одговори: „Ќе скокнам во КАЛЛИВ ВИР!“

Таа едноставна реченица ме потресе. Ми доаѓаше да ја извикам на цел глас. Посакав родителите насекаде да дознаат дека има стотици илјади деца на светот, кои поради една или друга причина, не можат да уживаат во наједноставните радости на детството. Одвреме-навреме отстапете и дозволете им на децата да бидат деца.

Дозволувајте им на децата да скокаат во калливи вирови кога и да посакаат, бидејќи набрзо тие ќе пораснат и ќе започнат да ги гледаат мокрите алишта и валканите обувки како нешто иритирачко.

Калливиот вир не мора да биде вир во буквалната смисла на зборот. Што и да е вашиот „вир“, се надевам дека ќе се соочите со него денес… и едноставно ќе СКОКНЕТЕ!

Еден од секои двајца мажи

Една од секои три жени

Едно од секои триста деца… ќе заболи од рак.

Што е твојот „вир“?




Коментари

коментари