Македонецот Славче Таневски го дизајнира третиот автомобил за светскиот гигант „Мерцедес“.

Славче Таневски го дизајнира третиот автомобил за светскиот гигант „Мерцедес“. После GLC Coupe и Concept EQA, минатиот месец во Лас Вегас светот се запозна и со новиот Мерцедес – CLA.

Нема ништо подобро од тоа годината на професионален план да започне успешно. Tокму така успешно и работно започна и за професионалниот дизајнер во Мерцедес, Славче Таневски.
На 8 јануари во Лас Вегас по Mercedes GLC Coupe и Concept EQA светот го виде и неговото трето дело – Mercedes CLA.

Во разговор за СБС Радио на македонски јазик Славче вели дека со новиот дизајн направиле голем скок во она што значи перформанси на возилото, дизајн и атрактивност за клиентите. „Тоа е автомобил со висок коефициент на интелегенција, иновативни системи за комуникација со возачот и патниците преку системот МВUX и прво возило на Mерцедес што ги препознава движењата на патниците и возачот“.

Славче на дизајнот на CLA работел во студиото на Мерцедес во Сан Диего – што за него било ново искуство.

„Компанијата одлучи мојот модел да се изработува во Сан Диего. Бев малку изолиран, работев самостојно и имав голема одговорност. Проектот го завршив за три месеци. Тоа беше ново искуство за мене“.

Најновиот дизајниран автомобил од Славче, светот го виде на саемот за електронски иновации во Лас Вегас каде што и тој бил дел од промоцијата.

„Убаво е чувството кога ќе го изодите целиот пат и ќе го заокружите со еден ваков настан. Чувството е уште поголемо кога ќе успеете да реализирате еден таков проект до производство и голем бренд ќе застане зад вас и ќе го презентира со огромен буџет, тоа беше посебен момент за мене“.

Во денешно време производителите на автомобили не само што нудат превозни средства, туку благодарение на развојот на технологијата нудат и нешто повеќе. Тоа го потврдува и Славче, кој најавува дека во блиска иднина она што некогаш сме го гледале во научно – фантастичните филмови ќе стане реалност.
„Многу се работи на таа т.н. лесна комуникација, имаме гласовни команди и автомобилот препознава некои команди. Веќе имаме и препознавање на движења и гестикулации а следно ќе биде и следење на поглед. Автономното возење е веќе реалност. Ја имаме целокупната технологија возилото комплетно да функционира без возач но пречка е легислативата. И електричните возила веќе земаат голем замав и првите возила на пазарот ќе ги испорачаме веќе во јуни“.

Славче веќе работи на нови проекти но професионалноста не му дозволува да ни открие на што работи и вели дека светот за тоа ќе дознае во 2023 година. Сепак, тој ни најави дека во моментов се подготвуваат за наредната промоција предвидена за саемот на автомобили во Женева во март и најви ново изненадување.




Коментари

коментари