Категории

Македонија ќе учествува на светското првенство во Франција

Македонија слави нов ракометен празник – репрезентативците се пласираа на Светското првенство во Франција. Мотивираноста на црвено-црните момци го надрасна поразот од Злин со 22-28 и донесе триумф од 34-27 за виза на шестиот голем настан едноподруго.

Судбината не се осмели да ја расплака Македонија на денот кога Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски за последен пат го облекоа националиот дрес и ни донесе радост неизмерна радост, мечтаена со месеци. Потребни ни беа шест или седум разлика по бледото издание во Злин, но Чесите поминаа многу полошо во „Борис Трајковски“ зашто Македонија беше онаа која ја чекавме и во Краков и во Гдањск,

Натпреварот почна како да е режиран според најубавите македонски желби. Пожртвуваноста на ракометарите им донесе 4-1 уште по шест минути игра, а вистинското разбивање на Чешка се случи по првите 10 минути. Лино Червар го „намести” Манасков фластер на Томаш Бабак и Чесите се „парализираа” во нападот во следните девет минути. Македонија постигна седум невозвратени гола и дојде до 13-5, анулирајќи ја негативата од Злин (22-28) уште пред да наврши 20. минута.

Движена од Филип Миркуловски и Дејан Манасков во нападот, предноста не престана да расте и достигна највисоки плус девет, 18-9 во 27. минута. Дури ни сериозната повреда на Никола Маркоски и кратките отсуства од паркетот на Стојанче Стоилов и на Наумче Мојсовски не ја размрдаа шемата на Македонија и на пауза заминавме со позитива од осум.

Еуфоријата ескалираше на почетокот на второто полувреме, прво во 36. минута кога првпат ја пробивме двоцифрената бариера со 23-13, а потоа и во 44. кога дојдовме до максимални плус 11 (26-15), дури од третиот обид. Сепак, неминовна беше мала криза, која ја најави серијата на Чесите со 3-0 до 48. минута, за намалување на 27-19. До крајот резултатот постојано се нишаше на осум и девет гола, но Македонија машки одолеа дури и без Миркуловски кој со грч на лицето излезе во 53. минута.

Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари и ќе биде петто за Македонија, вкупно деветти настап на големите собири и шести во континуитет од 2012 наваму.

Прегледи:
448
Категории:
Ракомет · Спорт
Објавено на:
15.06.2016