Македонката која живее во Шведска и ќе ве инспирира со нејзината љубов кон трчањето #ИнстаСреќа

„Само останувањето активни, ќе направи да посакаме да живееме 100 години“ ќе каже една јапонска поговорка како што ни кажува денес нашата инстаграмџика, којa е вљубена во трчањето и неуморно поминува километри во шумата, покрај море и во големите метрополи. 

И ако не сте љубител на спортот, профилот на @vase_atanasoska ќе сакате да го заследите, бидејќи пред се има одлични фотографии, од природа, од патувања, од спортување. Воедно, ќе ве мотивира и инспирира, ако не да истрчате маратон како нејзе, барем да излезете на прошетка.

Во нејзиниот блог открива дека љубовта кон трчањето почнала со нејзината преселба во Шведска. Како што можеме да видиме трчањето е важен дел од нејзиниот живот, но сега таа открива нешто повеќе за себе.

„Имам 30 години, доаѓам од Прилеп и живеам во Упсала  –  мал, но неверојатно убав универзитетски град во близина на Стокхолм.  Ја обожавам природата  и секоја форма на движење, но најмногу трчањето.“

 

Трчањето за неа „е како патување преку кое можам да посетам и да доживеам многу места на еден посебен начин. Кога трчам во мојата населба или во некое друго место, забележувам работи што вообичаено ги пропуштам кога одам на прошетка или се движам со превозно средство.“

 

„Трчањето е совршен начин за контемплација преку кое најдобро ги доживувам промената на годишните времиња, различните мириси и звуци во природата и најдобро ги слушам  сопствените мисли. Доколку имам некој проблем, од трчање секогаш се враќам со негово решение.“

 

Покрај трчањето, таа многу сака и да патува, а како што можеме да видиме нигде не оди без нејзината опрема. Нејзиното омилено место за трчање зависи од периодот на годината.

„Во пролет и лето најмногу сакам да трчам во шумата што се наоѓа блиску до мојот дом. Додека трчам можам да уживам во мирисот на боровите дрвја,  да го слушам чукањето на клукајдрвците и доколку имам среќа и да видам по некое разиграно срнче.  Ја сакам шумата и поради тоа што сум љубител на дивите овошки, особено боровинките кои што имаат голема антиоксидантска вредност, па во лето скоро и нема место во шумата што не е покриено со нив.“

 

„Кога патувам  најмногу уживам во урбаното трчање во раните утра кога можам да видам како градот се буди и се полни со живот. Како омилени дестинации би ги издвоила Рим, Барселона и Марсеј.“

Има учествувано на повеќе полумаратони, а допрва следат уште.

„Оваа година бев промотор на маратонот Лимасол во Кипар и таму во Март – под сонцето, палмите и портокаловите дрвја – го истрчав мојот прв маратон (42км) досега!“

 

„Претходно, имам трчано на многу полумаратони вклучувајќи го и Скопскиот. Од јануари сум дел од тимот на ASICS FronRunner Scandinavia и со нив ќе учествувам на маратоните во Стокхолм (02.06), Франкфурт (28.10) и Фиренца (25.11). Најголема желба ми е да го трчам Бостонскиот маратон!“

 

Наближува Скопскиот Маратон, па ја прашавме каков совет би им дала на учесниците или пак оние кои размислуваат да се приклучат.

„Една јапонска поговорка вели: „Само останувањето активни, ќе направи да посакаме да живееме 100 години“. Бидете активни! За секоја цел треба мотив, а нема подобар мотив од Скопскиот маратон! Оваа година Скопскиот маратон организира трки од 5км, 21 км и цел маратон.  Поставете мала цел, ќе направите голема промена што ќе води или до реализација на личен предизвик и поздрави навики, или како во мојот случај –  до откривање на неверојатна пасија!“

 

Ја прашавме кој е задолжен да ја фотографира Васе како трча, ни откри дека зад објективот е нејзиниот сопруг „Хенри има неверојатен талент за фотографија и неуморно ме следи и поддржува за време на тренинзите и трките.“  

 

„Најголем дел од фотографиите се сликани со Canon EOS 500 D. За обрабоктка на фотографиите ја користам апликацијата Snapseed.“


Што те прави среќна?

„Среќна ме прават: семејството, искуствата, патувањата и добрите луѓе.“

 




Коментари

коментари