Категории

Македонски импакт стартапи презентираа решенија во рамки на глобалната програма за претприемништво Accelerate2030

Шест Македонски импакт стартап компании ги презентираа нивните решенија на настанот Accelerate2030 демо ден, кој се одржа во Скопје на 20 октомври.

Шесте стартапи беа меѓу седумте кои успешно ја завршија програмата Accelerate2030 – глобална менторска програма чија цел е да го поддржи развојот на претприемнички решенија кои придонесуваат за исполнување на Целите за одржлив развој. Accelerate2030, програма која започна во 2016 година во глобални рамки,за прв пат се спроведе во Северна Македонија во текот на 2021 година од страна на Сеавус Акцелатарот и Бизнис Импакт Лаб, со поддршка од УНДП, Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската програмата за претприемништво Swiss EP.

„Со Accelerate2030, Сеавус Акцелератор се приклучува на глобалното движење за промоција и поддршка на компаниите кои имаат социјален импакт и работат во насока на исполнување на целите за оддржлив развој, а со тоа придонесуваат кон подобра и поодржлива иднина. Овој Демо ден само покажа дека нашите компании многу добро ја разбрале оваа заедничка мисија и пред публиката преставија многу конкретни решенија со кои адресираат не само локални, туку и универзални проблеми и предизвици. Многу сум горда што Сеавус Акцелератор како национален координатор на Accelerate2030 продолжува да создава успешни, но и одговорни бизниси, како и успешни и совесни бизнис лидери“, објасни Весна Ивановскa, Директорка на Сеавус Акцелатарот.

Со цел привлекување на инвестиции во нивните компании и запознавање на општата јавност со нивните решенија, во некои случаи за прв пат, презентации одржаа стартапите Mama Organa, Bintern, eBionics, Razgovor.mk, AirCare и Generation Impact. Презентираа широк спектар на производи со развоен импакт, како што се решенија за компостирање на отпад, наоѓање на пракса, биончки раце по поволни цени, дигитален пристап до психолошко советување, како и за организирање на туристички патувања со волонтерска компонента, т.е. импактен туризам (impact tourism). Хибридниот настан, кои се одржа со физичко и онлајн присуство, привлече меѓународна публика со приближно 150 учесници – компании, приватни инвеститори, организации за поддршка на претприемништво, донатори и развојни организации.

„Поддршката на стартапи со развоен импакт е централен дел од напорите на Програмата за развој на Обединетите нации за забрзување на напредокот кон Целите за одржлив развој. Овој дел од приватниот сектор претставува огромен извор на иновативни решенија. УНДП, во соработка со Импакт Лаб, ја основаше програмата Accelerate2030 за да им помогне на најдобрите стартапи со развоен импакт да го забрзаат својот развој и да се насочат кон маркетирање на нивните решенија во глобални рамки. Нашата надеж за првата година од спроведувањето на оваа програма во земјата е дека најдобрите стартапи ќе успеат да се пробијат на глобалниот пазар, од што бенефит ќе има не само Северна Македонија, туку потенцијално и целото човештво“, изјави Сања Бојаниќ, заменик постојана претставничка на УНДП во земјата.

Критијан Милески, Директор на акцелераторот за социјални претприемачи Бизнис Импакт Лаб, додаде дека оваа година за прв пат ја ставаме нашата држава на мапа со 20 држави кои се дел од програмата Accelerate2030, која цели да им овозможи пристап на нашите стартапи до светскиот пазар.

‘’Седумте стартапи кои ја поминаа националната менторска програма се сега во конкуренција со стартапи од целиот свет за влез во глобалната фаза која ќе биде реализирана од глобалниот тим на Accelerate2030 во Женева. Најдобрите петнаесет стратапи на почеток на глобалната фаза заминуваат на Global Scaling week во Женева на која ќе бидат преставени пред мегународната заедница,УН организации, корпорации и инвеститори.По завршетокот на оваа недела стратапите добиваат шест месечна подршка од страна на глобалниот тим и имаат шанса да работат со интернационални ментори и оргаизации како што се Boston consulting group, International Trade Center И многу други кои меѓу другото ќе им помогнат во процесот на освојување на нови маркети.Стартапите кои беа дел од глобалната програма во 2019-2020 година привлекоа повеќе од шест милиони долари во инвестиции, благодарение на учеството во Accelerate2030’’ изјави Љупка Митриновска, ко-основач и програмски менаџер на Accelerate2030.

Коста Петров, Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, им го честиташе досегашниот успех на Македонските стартапи за време на неговото обраќање на Accelerate2030 демо ден. „ Гордост е да се поддржи една ваква иницијатива! Најголемо браво и за финалистите кои покажаа дека и ние имаме импакт бизнис идеи со кои можеме да се гордееме и кои можат да освојат глобални пазари! Продолжете да не правите горди а ние ќе направиме се за да ви помогнеме на вашиот претприемачки пат. ВоФИТР пред еден месец го отворивме и првиот Јавен повик за поттикнување на социјалното претприемништво а во 2022 формираме и засебен Фонд за импакт бизниси! Браво дечки и девојки! Вие сте иднината“.