Категории

Мала приказна за Рајот и Пеколот која ќе ве натера да размислите

Еднаш, еден човек имал среќа да го види Господ. Обидувајќи се да дознае сѐ што е најважно, човекот го замолил: Господе, би сакал да видам како изгледаат Рајот и Пеколот. Господ го земал човекот за рака и го однел пред двете врати.

Ја отворил едната, а позади неа се криела голема тркалезна маса со огромна чинија на средината. Чинијата била наполнета со храна која мирисала толку убаво, што човекот ја голтал со очите.

Околу неа седеле луѓе – изгледале беспомошни, болни или како да умираат од глад. На рацете на секој од нив била прицврстена лажица со многу долга рачка. Тие лесно можеле да ја дофатат храната, но не можеле да ја стават лажицата во уста поради таа долга рачка. Нивната несреќа била очигледна.

– Сега го виде Пеколот – рекол Бог.

Потоа се приближиле до другата врата:

Откако ја отвориле, забележале дека во неа исто така има огромна тркалезна маса, иста таква голема чинија наполнета со храна. Дури и луѓето внатре во рацете држеле исти лажици со долги рачки. Но, овие луѓе изгледале сити и среќни.

– Не разбирам – рекол човекот.

– Едноставно е – одговорил Бог.

Овие луѓе научиле да се хранат едни со други. Оние другите мислат само на себе. Рајот и Пеколот се создадени исти. Разликата е во нас!

Прегледи:
1616
Објавено на:
15.01.2020