Категории

МАМО, ПОРАСНАВ! ТВОЕТО МАЛО ДЕВОЈЧЕ СО ДВЕ РЕПЧИЊА, ТВОЕТО ЧЕДО КАКО ШТО МЕ НАРЕКУВАШ, ПОРАСНА

Паметам, ги користев твоите штикли додека бев пониска и се трудев да ги дофатам кутиите со шеќер и какaо. Паметам, ги облекував твоите фустани како помала, замислувајќи се во некое ТВ шоу.

Паметам, кога не се однесував добро ќе замавнеше со прстот и ќе ме посоветуваше. Паметам, ти беше таа која првиот ден за рака ме однесе на училиште и ме смести во училниште клупи.

Паметам, ти беше и се уште си личноста која бдее над мене секој момент кога сум на „нишанот“ на некоја болест. Паметам. Паметам, но не можам да избројам колку пати си ми помогнала, колку пати си ме насмеала, колку пати си ме советувала, паметам.

Мамо, пораснав!

Твоето мало девојче со две репчиња, твоето чедо како што ме нарекуваш, порасна. Научило да живее според правилата кои си му ги кажала, според работите кои од тебе ги научило.

Твоето мало девојче научило дека не треба од трпезата да зграпчува се што ќе види, твоето мало девојче научило да каже „Благодарам!“ и „Се извинувам“.

Твоето мало девојче научило дека од грешките се учи, научило дека е важно пред се да бидеме човечни. Твоето мало девојче научило сите да ги гледа исто, никој од луѓето да не осудува.

Твоето мало девојче научи да ја споделува љубовта и да учи како да ја држи омразата подалеку од себе.

Твоето мало девојче, она кое како мало кога ќе погрешеше го фаќаше за рака и му подвикнуваше „Ѓубренце!“

Мамо, твоето мало девојче од секогаш сфаќало дека го караш за да се поправи. Мамо, пораснав! Ти благодарам.

Лазаровска Габриела

Прегледи:
653
Објавено на:
15.03.2016