Марко Пејчиноски е детето херој кој на 12 години го преплива Охридско Езеро! (ФОТО)

Младиот охриѓанец Марко Пејчиноски на само 12 години направи голем подвиг и успеа да го преплива Охридското Езеро.

Во доста тешки временски услови, со ветер и бранови, Марко исплива 30 километри, почнувајќи од Свети Наум, па се до Охридското пристаниште. Големиот подвиг на младиот Македонец траеше нешто повеќе од девет часа. Марко тргна да го преплива езерото во 9:00 часот, а на Градското пристаниште тој пристигна во 18:20 часот и беше пречекан од стотици луѓе кои му аплаудираа за херојскиот чин.

„Бев уверен дека ќе успеам. Го одбрав токму овој ден, Успение на Пресвета Богородица. Кога стигнав на градското пристаниште знаев дека ја остварив мојата голема желба”, кажа Марко кога стапна брегот.


„Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел на коската. Тоа доведува и до проблеми со моториката. Тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете. Знае како тоа да го синхорнизира. Јас немам видено таква волја. Ова што денес го направи е голем подвиг кој ќе се памети. Сакам да нагласам дека кога ќе заврши периодот на неговиот раст, со мала интервенција тој ќе биде целосно здраво дете”, вели познатиот уролог д-р Горан Балевски кој беше во екипата која го следеше подвигот на Марко.

„Во текот на пливањето Марко Пејчиновски немаше никакви здравствени кризи. Тоа е долга патека и можни се такви појави. Но сè помина во најдобар ред. Инаку, ова е трет подвиг кој е оставрен на Охридското Езеро. Најпрво тоа беше со Јане Петков од Бугарија кој пливаше врзан во вреќа, потоа со момче од Пирот, а сега еве и Марко направи вистинска сензација. Тоа го промовира Охрид во земјава и во светот”, кажа Сашо Точко, претседател на Црвен крст Охрид.




Коментари

коментари