Категории

МЕТАЛУРГ ГО НОКАУТИРА ЕЛВЕРУМ СРЕДЕ НОРВЕШКА

Победа!!!

Металург го одигра својот најдобар натпревар во досегашниот тек на сезоната во Лигата на шампионите и ја извојува својата прва гостинска победа и тоа на жешкиот терен на Елверум. Нашите ракометари славеа со убедливи 31:26 (14:9), а оправдан е впечатокот дека разликата  можеше да биде и многу поголема, особено на крајот од средбата кога Елверум постигна неколку ефтини голови.

Металург водеше во текот на сите 60 минути и не му дозволи на противникот да се радува дури и на едно израмнување на резултатот.

Лино Червар целосно го изненади својот помлад колега Апелгрин, со својот напад со седум ракометари без голман на голот. Тоа донесе резултат на самиот старт, кога Металург поведе со 3:0. Колкава беше доминацијата на нашите ракометари се гледа од фактот дека при наше водство од 3:0, противничкиот голман имаше и 4 успешни интервенции. Ракометарите на Елверум делуваа загубено, а Металург продолжи со својата голгетерска серија, па во еден момент имавме и предност од цели 8 гола, 5:13, во 24. минута, и три нереализирани напади за предност од 9 гола. На полувреме заминавме со позитива од 5 гола, 9:14.

На почетокот на вториот дел Металург влезе во кризен период, а Елверум тоа го искористи за серија од 4:0, 13:14. Во следните 15-тина минути Металург беше под огромен притисок на осоколените норвешки ракометари, но овој пат нашите ракометари не попуштија, издржаа во таа психолошка битка за резултат и во 57. минута поведоа со убедливи +7, 24:31. Последните два гола ги постигна противничкиот голман Нергард, со удари во празниот гол на Металург.

Фантастичен натпревар на Металург, кој на оваа средба, покрај сите повредени ракометари, настапи и без болниот Брајовиќ. Фантастичен натпревар за Филип Кузмановски, кој со девет гола го торпедираше противничкиот гол и кој поентираше тогаш кога тоа беше и најпотребно. Одлична тактика и на нашиот тренер Лино Червар, кој во најголемиот дел од средбата напаѓаше со седумина ракометари.

Елверум – Металург  26:31 (9:14)

Eлверум: Нергард (13 одбрани) 2, Линдеруд 2, Фредриксен, Оверби 1, Ватстром, Боресен 4, Иванчик, Мел 1, Јансруд, Линдбо 4, Буруд, Екрен, Поклар 7, Оејен и Пујол 5.   Седмерци: 0.    Исклучувања: 2 минути.

Металург: Арсиќ(14 одбрани), Томовски, Дупјачанец, Петров, Дрогришки, Костески 1, Обрадовиќ 6, Кузмановски 9, Илиќ 4, Пеценковски, Талески 3, Велковски 5, Пешевски, Палевски 3 и Гуглета.    Седмерци: 1/1.    Исклучувања: 4 минути.

Тек на резултатот: 0:3 6’, 1:3 8’, 2:5 11’, 3:6 13’, 3:8 14’, 5:8 17’, 5:13 24’, 7:13 27’, 9:14 — 13:14 34’, 13:16 36’, 15:16 37’, 17:18 41’, 17:20 43’, 19:20 36’, 20:21 47’, 22:25 51’, 23:29 56’, 24:31 57’, 26:31

Прегледи:
122
Категории:
Ракомет · Спорт
Објавено на:
21.11.2016