Категории

Храбра и иновативна: Сторијата на Мими Стојановска – Нашата омилена „читачка“ на книги

Во специјално интервју за нашиот портал Среќа ја имаме Мими Стојановска, попозната како „Читачката“. Таа за кратко време успеа да го освои симпатиите на сите вљубеници во пишаниот збор нудејќи им единствена можност да уживаат во специјално избрани книги кои ги чита на македонски јазик. Таа веќе има речиси 3,000 следбеници на својот youtube канал. За себе вели дека отсекогаш уживала во уметноста и пишаниот збор и смета дека не постои четиво напишано во било каква форма кое е штетно. 

Да започнеме со најчестото прашање, која е всушност Мими
„35 годишна (разведена) мајка на 2 синчиња, невработен професор по Филозофија и магистер по Економски науки, непоправлив оптимист, верник и романтичар“

Како се роди твојата пасија кон книгите и читањето?
„Мајка ми е професор по Македонски јазик, претпоставувам дека се гени во прашање. Не паметам период од животот кога не сум сакала да “се дружам” со книгите.“

Од каде е идеата за „Читачката“?
„Читачката е име кое ми го дадоа некои од печатените медиуми, ми се допаѓа и благодарам за тоа. Идејата беше едноставно само да доближам една книга до што повеќе уши истовремено. По првата книга поставена на јутјуб каналот, добив позитивни коментари, што мене ми беше сосема доволно за да продолжам и еве до ден денес, да не застанам.“

Кои се твоите планови за иднина во врска со Слушај Книга/Читам за вас?
„Планови се прават кога имаш на располагање ресурси. Јас за сега, освен личната волја и љубов за читање, не располагам со ништо друго. Повремено добивам поддршка од луѓе кои знаат да снимаат и монтираат, но тоа не е константно, ниту можам да барам да ја следат динамиката со која сакам да се поставуваат видеа. Овој проект за сега, не носи никакви приходи, не се јавил ниту еден спонзор, така што, благодарна сум на луѓето кои и до сега придонесоа за каналот (истите ги пишува во описот на секое видео).“

Дали мислиш дека на овој начин би можел да се поттикне интересот за книгите кај оние кои не сакаат да читаат но радо би слушале кога некој друг им чита?
„Да, секако, тоа е и целта. Така се роди и овој канал, додека им читав на глас на некои мои блиски. Веќе гледам дека има дечиња кои ги слушаат детските книги и плеј листата со бајки за добра ноќ, што особено ме мотивира. Секако, би сакала секој еден и дете и возрасен да си чита сам, но кога веќе сите сме “залепени” за телефоните и компјутерите, барем да следиме корисни содржини.“

Дали ги исполнуваш побарувањата на фановите при изборот на книги кои ги читаш или тоа е твој избор?
„Првата книга беше исклучиво мој избор. Сега веќе ги следам барањата, иако е невозможно да бидат сите исполнети. Ќе се потрудам барем жанровски да го покријам сечиј вкус.“

Која е книгата која успеа да ти го промени животот?
„„Е баш ме заболе“ од Марк Менсон“

Каква порака би сакала да им испратиш на другите преку ова хоби?
„Верувам дека секоја порака најдобро се пренесува преку личен пример. Затоа и го правам ова.
А каква порака? Секоја книга пренесува различна порака, зависно од тоа кој ја слуша и колку е подготвен да ја прими пораката. Во секој случај, не постои четиво напишано во било каква форма, што е штетно, за разлика од “модерната уметност”.“

Каде би се видела себеси во иднина и која би била твојата главна цел и желба?
„Важно е да живееме и работиме во согласност со нашите желби, уверувања, нашиот морал и љубов (секако повремено преиспитувајќи се и самите себе), затоа што така всушност секојдневно ќе бидат исполнети нашите лични желби и цели. Тоа е единственото нешто кое зависи од нас самите, иднината останува непредвидлива, но несомнено е резултат на случувањата од сегашноста. Поради тоа, ајде овде и сега да бидеме добри, искрени, благодарни… за да бидеме среќни!“

Интервју за Среќа.мк