„Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“: Седум тироидни емотикони за седумте типови на заболувања на тироидната жлезда

Мерк, водечката научна и технолошка компанија, под мотото „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“ започна глобална кампања за подигнување на јавната свест за различните типови на пореметувања на тироидната жлезда.

Кампањата ќе се одвива во текот на месец мај, а во рамките на истата за прв пат беа претставени тироидни емотикони „Thyrojis“ кои ги илустрираат знаците и симптомите на нарушувањата на тироидната жлезда. Седумте тироидни емотикони се дизајнирани од страна на Мерк во соработка со Меѓународната тироидна федерација (TFI), а во насока на одбележување на Интернационалната Недела за Подигнување на Свеста за Тироидната жлезда (ITAW), која официјално трае од 25 до 31 мај.

Во рамките на кампањата предвидени се низа активности. Со цел корисните совети да и се доближат на што поголема публика, кампањата ќе се одвива на социјалните мрежи Facebook и Instagram, на кои ќе се објават разни статии со информации за важноста на заболувањата и симптомите кои се јавуваат кај тироидните заболувања како и потребата од навремено дијагностицирање и почеток на третман, а со цел пациентите да ја вратат нормалната функција на тироидната жлезда и да имаат квалитетен и нормален живот.

Дополнително на 11 мај во периодот од 11:00 до 15:00 часот, во Градскиот парк во Скопје беше организиран и настан на отворено. Настанот е во организација на Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина, а компанијата „Варус“ од Скопје како овластен застапник на Мерк во Македонија е покровител и обезбеди едукативен материјал за сите посетители кои воедно имаа можност да поразговараат со доктори од Здружението и да научат повеќе за тироидните заболувања.

На поставенниот штанд, граѓаните имаа можност да разговараат за различните типови на пореметувања на тироидната жлезда, симптоми и третмани со доктори експерти во областа од истоименото здружение, но и да добијат бесплатни брошури во кои дополнително и подетално се објаснети нарушувањата на тироидната жлезда и симптомите кои се поврзуваат со секое од нив.

„Улогата на матичниот – семејниот лекар не се состои само во индивидуално лекување на одредени состојби и болести на пациентите. Нашата улога е пред сè во превенција, промоција на здравје и здрави навики и едукација насочена кон целото население. Токму поради тоа, Здружението на лекари по општа – семејна медицина ја организира оваа здравствена кампања, која има за цел подигнување на јавната свест за заболувањата на тироидната жлезда. Со ова сакаме да ја поддржиме кампањата која се организира секоја година на глобално ниво, во меѓусебна соработка со Научното Здружение на ендокринолози и дијабетолози, Здружението на нуклеарна медицина, како и компанијата Варус заштапништво Мерк како покровител. – изјави Д-р Катерина Ковачевиќ, Специјалист по семејна медицина и Претседател на Здружението на лекари по општа медицина- семејна медицина.

Инаку, податоците добиени од „Институтот за Патофизиологија и нуклеарна медицина“ во Скопје укажуват дека од година во година бројот на пациенти со одредени заболувања на тироидната жлезда расте. Така ако во 2017 година биле дијагностицирани 18.215 пациенти овој број во 2018 година пораснал на 19.201 пациент што е за 5% повеќе. Најмногу пациенти биле дијагностицирани со хипотироидизам.

„Со оглед на инциденцата и преваленцата на тироидната патологија во Р. С.Македонија, од особено значење е да се подигне свеста за улогата на тироидната жлезда во човековиот организам и промените кои настануваат кога е нарушена нејзината функција. Особено треба да се потенцира ефектот на тироидните хормони врз развојот на мозокот и коскениот систем кај плодот интраутерино, како и влијанието врз регулацијата на базалниот и енергетски метаболизам. Подигањето на свеста за тироидната жлезда и нејзината улога во организмот е од есенцијално значење за здравјето на популацијата и затоа е потребно да се делува проактивно во оваа насока.“ истакнува Асс. Др. Синиша Стојаноски од Институтот за Патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје.




Коментари

коментари