„Можете ли да му го однесете ова писмо на татко ми во рајот“? 7-годишно момче му испратило писмо на починатиот татко и добило неочекуван одговор

Трогателната приказна за момчето кое ја замолило британската Кралска пошта писмото да го испрати до неговиот татко во рајот, на што добил прекрасен одговор ги освои корисниците на социјалните мрежи. Мајката на момчето целата приказна ја објавила на Фејсбук заблагодарувајќи им се на работниците во поштата на неочекуваната реакција.

Тери Копланд од Шкотска, раскажала како нејзиниот син Џеси (7) направил честитка за својот татко, а на ковертот напишал порака за поштарот молејќи го да се погрижи неговиот покоен татко да ја добие честитката во рајот. Неговиот татко починал пред 4 години во сообраќајна несреќа на само 28 години.

Момчето сметало дека секој треба да добие честитка за роденден, без обзир каде се наоѓа. Затоа, мајката и момчето се изненадиле кога на домашната адреса примиле писмо од Кралската пошта.

„Драг Џеси! Додека го испраќавме твоето писмо, наидовме на некои проблеми. Затоа, сакавме да те контактираме и да ти објасниме дека успеавме да го доставиме твоето писмо на татко ти во рајот. Ова беше навистина тешка задача во која избегнувавме ѕвезди и други објекти во универзумот на патот кон рајот. Но, биди сигурен дека ова важно писмо е испорачано. Приоритет на Кралската пошта е пратката да стигне до клиентот. Знам колку ти е важно ова писмо. Ќе продолжиме да се трудиме да и другите писма да стигнат до рајот“, напишал Сем Милган, еден од шефовите на поштата.

Тери во својата изјава на Фејсбук се заблагодарила на поштата што, иако не мораат, издвоиле време да напишат писмо на нејзиниот син за кого таа честитка била сѐ во тој момент. Додала и дека и ја вратила вербата во луѓето, бидејќи не може ни да опише какви емоции го обземале синот кога сфатил дека неговиот татко ја добил честитката.




Коментари

коментари