Категории

НА 3 ДЕКEМВРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ: Добредојде за „Лице в лице“ во Делчево!

Граѓаните на Делчево, од денес, имаат можност директно да се сретнат со содржините на „Лице в лице“, и да учествуваат во социјалното и економско зајакнување на своите ранливи сограѓани. Ова е овозможено со дејствување на новата партнерска организација на „Лице в лице“, „Бравура кооператива“ од Делчево, чии корисници на услугите се лица со попреченост.

Истовремено, ова е и заеднички чекор со Општината Делчево, која изрази поддршка и отвореност за унапредување на процесот на инклузија во овој град. На семејството продавачи на уличен печат во Македонија и низ светот, преку организацијата „Бравура кооператива“, (Хуманитарното здружение за помош и поддршка на лицата со посебни потреби), му се придружува Далибор Станковски. Тој денеска, заедно со градоначачникот Горан Трајковски, за првпат на граѓаните на Делчево им го понуди актуелното издание на „Лице в лице“. За неговото вклучување, координаторот Александар Николов, вели дека е предизвик кој го соочува Далибор со реалноста од повеќе аспекти.

– Првиот момент е поврзан со можноста да биде општествено корисен, економски помалку зависен, продуктивен и корисен член во заедницата. Вториот момент е одговорот на заедницата кон неговата работа, а трет, најважен, е дека ова е негово прво работно ангажирање, што има многу важна улога во идниот професионален развој. Оптимизмот на Далибор е силен, тој е мотивиран и подготвен за оваа нова страна на животот. После долги години, неговото очекување на денот кога ќе почне со продажба е со голема возбуда, особено што сето ова се случува на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, вели Николов од „Бравура“. Верува дека ова ново искуство на соработка и партнерство со „Лице в лице“, ќе биде значаен чекор во процесот на разбивање на дискриминацијата по секоја основа. – „Лице в лице“ е моќна тетратка каде сите заедно ќе пишуваме и оставаме своја трага да влијаеме кон позитивни промени – за изедначување на можностите и за креирање на општество по мерка за сите, вели тој. Од Општината Делчево изразуваат отвореност за соработка и поддршка која ќе значи промена на секојдневието на ранливите сограѓани.

– Далибор ќе биде првиот продавач во Делчево, (и меѓу првите во Источна Македонија), на уличното списание „Лице в лице“ кое претставува социјално претпријатие за работна интеграција. Ова е одличен пример за потткнување инклузија и има двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас. Му посакуваме успешен почеток како продавач и најавувам дека Општина Делчево ќе биде редовен купувач на ова списание, но, и на убаво изработените новогодишни честитки. Апелирам, овој пример на Општината да го следат и другите институции во Делчево, бидејќи само така, даваме конкретен придонес и поддршка на продавачите за градење вештини за нивно вклучување на пазарот на трудот, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. Традиционално на овој ден, 3-ти декември, тимот на Општината го посетува и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево, со цел да се испрати порака за подобро разбирање и почитување на правата на лицата со попреченостии да укаже на придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на ранливите лица, во секој аспект – на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница.

– Во таа насока, Општина Делчево во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ со финансиска поддршка од МТСП, реализира проект „Клуб за социјална инклузија „Интегра“ кој преку шест програми и организирана форма на услуга за рехабилитација, професионална ориентација и социјализација, ќе донесе подобар квалитетот на живеење на лицата со попреченост во Делчево. Тоа ќе значи развивање на нивните работни вешти за поуспешна работна интеграција, и во суштина, ќе функционира како социјално претпријатие. Во моментов, сето ова е во завршна фаза на воспоставување на услугата, и очекуваме по новогодишните празници, „Клубот за социјална инклузија „Интегра“ – да отпочне со работа, вели Трајковски.

 

 

***

Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за рбаотна интеграција) кое излегува од септември 2012 година..

Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд.

Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.

Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.

Прегледи:
72
Објавено на:
03.12.2021