Категории

НАШЕТО БЕШЕ ТОЛКУ ГОЛЕМО, А СЕПАК УСПЕШНО СКРИЕНО

И горевме. Жарчето гореше во нас. Секогаш. И секаде. И кога бевме во туѓи прегратки.

Посебно кога бевме еден до друг. Секогаш се надевавме. И потајно замислувавме, но не признававме.

Ниту еден на друг, ниту на било кој друг. Се беше скриено. Толку плитко, а длабоко. Толку блиску, но недофатливо. Толку големо, а сепак успешно скриено.

Убав ден беше. Уште поубава вечер. Се беше убаво и исполнето со радост, сите околу мене беа среќни, задоволни од тоа што и како направиле.

Моето лице блескаше со насмевка се додека не останав сама. Сама во темната соба. Токму тогаш го почувствував она кое го немав долго време почувствувано, она кое не сакав да го чувствувам, она кое долго време лежеше закопано длабоко во мене.

Токму оваа вечер, за прв пат по толку време почувствував дека фали некој дел од мене. Дел кој веќе нема да го вратам, ниту ќе можам да го заменам со нов.

Ми фалеше тој. Неговата насмевка зашто беше совршена, топлината во неговиот поглед. Неговиот мирис, затоа што беше специфичен, доцните разговори зашто беа моите омилени.

Ми фалеше неговиот хумор зашто беше оригинален. Ми фалеше неговото “секогаш тука за тебе”, зашто верував во него.

Ми фали токму оној човек кој што го имав запознаено. И се надевав. Се надевав дека ќе се јави, ќе пише и ќе каже дека е добар.

Дека ќе биде добро, дека е среќен. Всушност тоа и го сакав. Да е среќен. Секогаш среќен и насмеан. 

Моите надежи ќе останат во мене, далеку од сите и од него. Тој никогаш нема да дознае дека се уште го сакам, дека се уште се надевам. Ниту другите ќе дознаат.

Само јас и мечето до мене. Само ние ќе знаеме, а пред сите други ќе глумам, ќе бидам силна како никогаш досега.

Јована

Прегледи:
262
Објавено на:
09.01.2016