Категории

Нашиот Јане испрати моќна порака држејќи говор во седиштето на ОН и се запозна со Бекам! (ВИДЕО)

Јане Велковски, 11- годишното момче кое боледува од спинална мускулна атрофија, а воедно е претставник за правата на децата со попреченост, вчера се обрати на панел дискусијата – Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права, на собирот на високо ниво во Генералното собрание на Обединетите нации “Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето”.

Јане исто така е и дел од проект на УЕФА за кој сними видеоспот во кој се појавуваат Меси, Роналдо и Погба, а редовно е гостин и на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација. Неговата најголема желба е еден ден да може да игра фудбал.

Ова е неговото вчерашно излагање во целост:

“Многу сум среќен што сум денес овде. Јас сум роден со спинална мускулна атрофија, и поради тоа се движам со количка која ја викам Формула. Но моите родители од мал ме учеа дека можам да правам се што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев – тоа стана и мое правило – да правам се и да уживам во животот.

Одам во  училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен.

Фудбалот ми помогна да се борам за да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат.

Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот.

Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен.

Децата како мене сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам- да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон. Треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема.

А на возрасните сакам да им порачам- треба да направите се за правата на децата, и отстранете ги сите бариери.  Да нема дискриминација!”

Тој на собирот се запозна и со Бекам.

Прегледи:
530
Објавено на:
21.11.2019