Неизоставен детал во текот на празниците: 3 совети божиќната ѕвезда да ви трае и до една година!

Иако божиќната ѕвезда е многу популарна билка и речиси неизоставен детал од домот во текот на божиќните и новогодишните празници, тешка е за одржување. Затоа, во продолжение погледнете неколку совети преку кои овој цвет ќе биде во одлична состојба и следниот Божиќ.

1. Чувајте ја на топла и умерена светлина

Оваа билка инаку потекнува од топлите предели на екваторскиот појас, па поради тоа сака топлина. По купувањето на божиќната ѕвезда, внимавајте да не ја чувате подолго време на ладно. Од друга страна пак, превисоката температура исто така не е пожелна, па не ја чувајте до радиаторот. Не смее да се чува на мрачно место, а ни на директно сонце. Ботаничарите советуваат дека оваа билка никакоо не смее да биде на промаја, односно не поднесува нагли промени на температурата. Идеална температура е онаа помеѓу 15 и 20 Целзиусови степени.

2. Внимавајте на поливањето

Премногу поливање многу бргу ќе ја уништи билката. Дури кога земјата во саксијата потполно ќе се исуши, потребно е да ја залиете. Исто така, цвеќарите препорачуваат да се полива одоздола, така што во подметачот ќе се стави вода која ќе ја прекрие површината на истиот. По правило поливањето треба да биде еднаш до два пати неделно. Исто така, се препорачува еднаш неделно да се полие и со течно ѓубриво.

3. На пролет скратете ги стебленцата

Иако е тешко да обезбедите оптимални услови за одгледување на оваа собна билка, важно е да имате на ум дека со промената на годишното време се менува и начинот на одржување. Така, во март е потребно постепено да се намали поливањето. Потоа, откако ќе отпаднат листовите на билката, а стебленцата ќе се исушат во потполност, новите скратете ги на 10 цм височина.

Во почетокот или средината на мај можете повторно да започнете со вообичаеното поливање, односно да ја одржувате земјата влажна, а ќе ви биде потребна и примена на течно ѓубриво. Кога ќе започнат повторно да растат новите стебленца, слободно скратете ги. Во есен, од 10. до 20. октомври, кога ќе се скрати денот и намали дневната светлина, внимавајте божиќната ѕвезда да има доволно светло, но и температурата на просторот да биде минимум 15 степени.

Со примена на овие совети, вашата божиќна ѕвезда може да цвета и до следниот Божиќ.




Коментари

коментари