Категории

„Нема да го пуштам додека тоа не го направи сам“: Емотивен текст на мајка

Кејти Бингам-Смит со искрен текст ќе ве разнежни, а ако сте мајка, ќе ве потсети на малите скапоцени моменти кои ги споделувате со децата.

Кејти зборува за брзото растење на децата и за тоа дека никогаш нема да се откаже од ритуалите кои ги има со својот син… Барем не додека тој сам не се откаже од нив.

Наутро, најчесто мојот сопруг се буди пред мене. Јас продолжувам да лежам дијагонално, заземајќи положба на морска ѕвезда. Божествено е. Чекам мојот најмал син да ми се придружи. Тој трча со разбушавена коса, мирисајќи преслатко и силно ме гушка. Сите мои три деца го правеа ова, но изгледа тој е единствениот на кој сè уште му треба време поминато со мама за добро утро.Никогаш нема да се откажам од оваа традиција, додека тој не го направи тоа сам.

Понекогаш, на средина од дневната соба тој го лета својот дрон, игра „Minecraft“ или се обидува да направи наивна стапица. Толку е внесен во она што го прави, што дури и не забележува дека чекорам покрај него. Но, кога ќе заврши, ќе ме гушне околу половината, силно ќе ме притисне, велејќи ми: „Те сакам мамо“. Никогаш не го пуштам, додека не го направи тоа сам.

Кога сме дома или во јавност (независно колку луѓе има околу нас) ако слушнеме музика, јас и тој автоматски започнуваме да танцуваме. Понекогаш прегрнати еден со друг, а понекогаш на 3 метри оддалеченост. Моите две поголеми деца умираат од срам, но мене не ми е гајле, ниту пак на мојот син.Никогаш не престанувам да танцувам додека тој не застане.

Тој никогаш не е презафатен или прекул за да се фотографира со мене. Го обожава тоа – колку полудo, толку подобро. Понекогаш бара да правиме будалести слики заедно пред огледало (најчесто в продавница или в ресторан). Мојот одговор е „да“. Секогаш ќе биде „да“, додека тој не престане да бара.

Кога е вознемирен, јас сè уште можам да му го променам расположението. Најчесто го скокоткам додека не легне на подот, преправајќи се дека сум лудо чудовиште кое гровта и кое мора да го скокотка додека тој повторно не стане среќен. Но, дури и кога ќе се врати неговата насмевка, јас уште продолжувам да лежам на подот. Не станувам додека тој не стане.

Тој сè уште ми дозволува да го задушувам со бакнежи и да ја вдишувам неговата слаткост. Понекогаш знае што размислувам кога седиме еден покрај друг. Се потпира на мене и ми дава да ги бакнам неговите образи и главата.Не престанувам додека тој не се тргне.

Тој сè уште ми дозволува да го држам за рака кога ја преминуваме улицата, кога сме во гужва или затоа што едноставно ми се сака. Нема потреба да го правам тоа. Нема шанси тој да избега далеку од мене, зашто знае дека треба да стои во моја близина. Секогаш кога ќе му ја подадам раката, тој ми ја подава неговата. Не му ја пуштам раката додека тој не се пушти самиот.

Нему не му пречи ако му изедам од бонбоните без да прашам. Ќе го сподели колачот со мене, дури и ако му е последен. Се кикоти ако боцнам со прстот во глазурата од неговото парче торта. Секогаш ми вели дека може да јадам уште ако сакам. И да бидам искрена, секогаш ќе му го правам ова, без разлика дали му се допаѓа или не.

Знам дека тој многу брзо ќе порасне и дека нема да има многу време и толерантност кон својата мајка, како што немаат брат му и сестра му. Нема да ми дозволува да го бакнувам толку често, можно е да треба да се борам за да го гушнам и дека утринското гушкање со мене ќе биде само едно нешто кое некогаш сме го правеле. Танцувањето во јавност ќе исчезне и јас нема да имам способност да му го „убијам“ лошото расположение, преправајќи се дека сум дива свиња.

Тој е моето најмало дете, моето последно дете и јас нема да го пуштам додека тој не го направи тоа сам. Ќе го потпуштам само малку кога ќе дојде време за тоа, но тој момент сè уште нема дојдено. Засега, ќе продолжиме да се гушкаме во дневната соба, да се држиме за рака в продавница и да се фотографираме заедно каде што ќе ни текне, а јас ќе прифаќам сè и ќе се држам за овие моменти, за секој еден од нив.

Прегледи:
347
Објавено на:
20.09.2016