Категории

Новак Џоковиќ: Сакам да продолжам да играм тенис на врвно ниво!

Српскиот тенисер вели дека сеуште верува во себе и покрај лошиот период низ кој поминува и сака да продолжи да се занимава со тенис и очекува дека самодовербата ќе му се зголемува при секоја наредна победа.

„Верувам во себе, отсекогаш верував. Поради тоа и стигнав до врвот и успеав да ги остварам своите соништа. Тоа е суштината на се, на сите нас, не само на спортистите, да го постигнеме она за кое другите сметаат дека е невозможно. Пламенот на страста за овој спорт во мене сеуште е ист, вербата постои, а самодовербата е нешто друго и тоа се стекнува со тек на време и преку добрите резултати. Во моментов, нивото на самодоверба е пониско од она на кое бев навикнат“, изјавил Џоковиќ во разговор со новинари од Белград.

Новак во Белград се подготвува за продолжението на сезоната и турнирот во Мадрид, како и отвореното првенство во Франција.

„Очекувањата се поинакви со обзир на минатата година. Со години имав само највисоки очекувања и се освен финале за мене беше неуспех. За жал, последнава година ми се случија многу осцилации во резултатите и проблем со лактот, повреда која сега е решена“.

Хируршката интервенција која ја имаше, по неговите зборови, била добра одлука, иако како што вели, тој бил против тоа.

„Се одлучив за тоа, но потоа пребргу се вратив на терен, бидејќи шест месеци немав играно тенис и тоа многу ми недостасуваше. Направив грешка и ми се одби од глава. Потоа, работите почнаа да се подобруваат. Резултатите во Барселона и Монте Карло се далеку под моите желби, но тоа е процес, околностите се поинакви“, вели Џоковиќ.

„Се трудам да бидам позитивен. Многу сум горд на се што постигнав во животот. Сакам да продолжам да играм тенис на врвно ниво. Имам големи мотиви и високи цели, како порано така и сега. Очекувањата морав да ги намалам, но целите се исти во текот на целата кариера, а вие го знаете тоа“, изјавил Џоквиќ.

Не сакал да одговара на прашања поврзани за неговата исхрана, а рекол дека неколку години не чита вести бидејќи „луѓето за жал многу лесно ги извртуваат информациите“, особено во последните две години.

Прегледи:
637
Објавено на:
04.05.2018