„Новата супермоќ на човештвото е колективната акција базирана на свесност“ – цитати од Ото Шармер за пандемијата која владее во светот

Ото Шармер е автор на многу книги, економист и социолог, професор на Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ) и oсновач на Презенсинг институтот. Автор е на Теорија У,методологија за општествена промена, која се базира врз дведецениско истражување на МИТ, еден од најпрестижните универзитети во светот. Шармер е лидер на заедница од повеќе од 100.000 луѓе со кои косоздава конкретни решенија во деловен и во институционален контекст и во контекст на развојните агенции и на граѓанскиот сектор во светот.

Прочитате што тој мисли за пандемијата со Ковид-19.

„Се соочуваме со избор. Ситуацијата со вирусот корона ни дава можност да застанеме, да се ресетираме и да исчекориме.

Ковид-19, во суштина, сите нè соочува со избор: да се „стаписаме и смрзнеме“, да се тргаме од другите и да се грижиме само за себе, или да се свртиме кон другите за да ги поддржиме и да ги утешиме тие на кои им е потребна помош. Да се дејствува од егото или да се дејствува од свеста за екосистемот, е избор. Со него се соочуваме секој ден, секој час, секој момент. Колку што повеќе светот тоне во хаос, очај и во конфузија, толку е поголема нашата одговорност да зрачиме со присуство, сочувство и со доверба“.

„Нашето однесување го менува системот! Можеби најголемата поука од оваа криза е уверувањето дека ние – секој од нас, посебно и заедно – можеме да го промениме системот.

И тоа во овој момент веќе не звучи како флоскула. Сетете се колку ни се чинеше далечен чудниот вирус од Вухан кога за првпат се појави во насловите на почетокот на јануари! Денес директно нè засега сите и сите се согласуваме за тоа. Тоа е моќна демонстрација на меѓусебната глобална поврзаност. Ние сме многу. Ние сме едно. Сетете се дали некогаш порано нашето колективно внимание во овој обем било фокусирано на една (заедничка) грижа или работа, како што е, на пример, денес, на хигиената и на дезинфекцијата? Тие денес се во фокусот на светот и, освен прагматичниот, конкретен ефект врз здравјето на луѓето и ширењето на вирусот, важно е да видиме и нешто не толку очигледно. Моќта што ја носи насочувањето на вниманието на глобалната заедница кон иста намера и заеднички интерес и ефектите од таквиот напор. Енергијата, навистина, го следи вниманието!“

„Секое нарушување има две страни: постојат работи што треба да ги „пуштиме да си одат“ и работи „што допрва треба да се појават“.

Одеднаш, откриваме дека повеќето од состаноците што ги имавме, всушност, не се суштински како што сметавме. Така ми се наметнуваат три прашања: 1) Зошто толку долго сме се фаќале за работи што не се од суштинско значење? 2) Ако се откажеме од сè што не е од суштинско значење – што останува? 3) Што ако ја искористиме оваа криза како можност да се откажеме од сè што не е од суштинско значење во нашиот живот, во нашата работа и во нашата институционална рутина? Можеме ли да реосмислиме како да живееме и работиме заедно? Како можеме да ги преиспитаме основните структури на нашата цивилизација – економската, демократската и нашиот образовен систем, кои ја премостуваат еколошката, социјалната и духовната поделеност на нашето време?“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Лице в лице (@licevlice) on


„Најголемата лекција за мене од финансиската криза во 2008 година е следново: како кризата или надворешните нарушувања, кои, патем, се исти за сите, ќе влијаат на организациите и на општеството зависи само од една работа, а тоа е – како лидерите, тие што донесуваат одлуки, како луѓето, генерално, реагираат на промените и на нарушувањата. Односно, дали се отворени за новото, дали се подготвени да се откажат од старите шаблони или, пак, дозволувајќи да надвладеат гласовите на стравот и на осудата на новите решенија, ќе се затворат (замрзнат) во решенија што, всушност, нудат повеќе од истото (старото), а тоа не води никаде.“

Лидерот на компанијата „Данон“, очигледно, оперирал од јасно сознание за тоа што може да направи за децата во Бангладеш. Ја ставил целта пред профитот. Тоа е вистинското прашање – што е потребно за да ги активираме овие подлабоки извори на знаење и на свесност? И, како можеме да ги активираме не само на ниво на индивидуата, туку и на ниво на целиот систем? Како можеме да го надградиме „оперативниот систем“ во системите што се клучни за нашиот развој како глобална заедница – во институциите, во бизнисот, кај граѓаните? Ова јасно бара од нас да ја надградуваме: нашата образовна инфраструктура кон моделите на учење „за целата личност“ и „целите системи“ и нашата економска инфраструктура кон преминување од свесноста за системот базирана на егосвесност кон таа базирана на екосвест за системот. Поканата е во насока да ја искористиме сегашната состојба за да забавиме, да застанеме како глобална заедница и да се поврземе со нашите подлабоки, заеднички извори на вредности“.

„За ова е потребна “вертикална писменост”. Капацитет да се води трансформативна промена, која го менува начинот на кој оперираме. „Современите проблеми не можат да се решат со начинот на размислување што истите тие проблеми ги предизвикал“, вели Ајнштајн. Презенсинг институтот (ПИ) потекнува од МИТ, универзитет што изнедрил 95 нобеловци и чии што алумни студенти направиле над 30.000 успешни компании со 1,9 трилиони долари просечен годишен обрт, воглавном во области поврзани со технологијата. Но денес, патоказот кон промената не носи кон еден нов вид “технологија”. Кон aнгажман во кој е потребен напор за да се видиме себеси во контекст на системот во кој функционираме. ПИ изградил патоказ, социјална технологија која овозможува увид во сопствената љубопитност, сочувство, храброст, продлабочување на просторот за слушање и за конверзација. Овозможува простор во кој старите модели на однесување се напуштаат и се овозможува да дојдат новите. “Технологија” за култивирање на механизмите на владеење што оперираат со отвореност да ја видат потребата на целиот систем“.

„Во овој колективен момент колабрираше сето она што не беше одржливо а воскресна “човекот” во луѓето.„Ковид-19 се покажа како најголем учител за 7,8 милијарди ученици во светот. Станавме свесни за нашата заемна поврзаност и условеност. Пред два месеца, можеби, сметавме дека не е важно за нас што прави некој на другиот крај од светот. Или дека не е важно што бездомниците или други наши сограѓани немаат соодветна здравствена грижа. Сега знаеме дека од нивното здравје зависи и нашето, особено ако се позитивни на вирусот и ако немаат услови за соодветна хигиена или изолација. Новата супермоќ на човештвото е колективната акција базирана на свесност. Кој ќе ја креира иднината во 21 век? САД, Кина, двете земји? Денес, по два месеца во изолација, и во друг мод на оперирање, треба подлабоко да го побараме одговорот на ова прашање. За тоа време речиси чудесно успеавме да го трансформираме нашето колективно однесување во планетарни размери. Кој е следен смел чекор што ќе го преземеме?“

За повеќе цитати, како и многу други социјални теми, прочитајте во новиот број на „Лице в Лице“.




Коментари

[fbcomments]