Објавени четирите големи спортски настани. Бидете дел од нив!

Професионалното или рекреативното занимавање со спортот и одржувањето на физичката активност се од особено значење за развивањето на секоја единка во здрава личност како физички така и ментално. Спортот помага при создавањето на карактерот и навиките, не учи да играме според правилата, вистински да се радуваме на победите, а достоинствено да ги прифаќаме поразите. Со еден збор спортот не учи за животот и се она што го сочинува.

Иако придобивките од спортот ни се општо познати, сепак многу е важно заедно да придонесуваме секојдневно за подигање на свеста во нашето општество и организирањето на настани каде што секој од нас ќе може да спортува и да се забавува. За таа цел, Европската недела на спортот нуди спортска агенда која гарантира одржување на здравиот дух, забава и многу дружење за сите возрасти.

Имено, од 23 до 30 септември се организираат многубројни настани, одбрани и поделени на тој начин што секој ќе може да најде своја омилена активност, без разлика дали го практикува спортот редовно или повремено.

На 23. септември ќе се одржи големиот настан Tartucall во Жена парк кој ќе започне од 18 часот и ќе трае до 20 часот. Програмата во овој ден е поделена на повеќе активности кои предизвикуваат голема заинтересираност. На самиот почеток присутните ќе се забавуваат вежбајќи пилатес со Trinity, а малку подоцна за љубителите на фитнес следуваат фитнес вежбите со Atleta club. Забавата продолжува во ритамот на звуците на модерниот танц, а потоа вежбање со Надица Јовановиќ, а програмата ќе ја затвори Нина Лековска со својот забавен зумба час. На штандовите на овој настан акцентот ќе биде ставен на здравата исхрана и здравиот начин на живот како стил на живеење.

На 25. септември на Градскиот плоштад, од 19 часот до 21 часот ќе се одржи Масовно скокање на јаже каде што ќе присуствуваат голем број на граѓани. Секој оној кој сака да се забавува согорувајќи калории може да присуствува на овој интересен настан, а јажиња ќе бидат обезбедени за сите. Целта на овој настан е да се активира свеста за активен и здрав живот преку едноставна и интересна вежба – скокање на јаже. Без ралика на физичката подготвеност, секој ќе може да одговори на овој предизвик, подобрувајќи ја кондицијата, координацијата и активирањето на целото тело. Настанот ќе го води Жарко Батиќ, најдобриот crossfiter во Македонија кој на практичен начин ќе покаже дека фитнесот е насекаде околу нас и постојат безброј начини да останеме во форма.

На 29. септември, со почеток од 17 па се до 23 часот во Спортскиот центар Борис Трајковски, истовремено ќе се случуваат 70 различни активности. На настанот ќе присуствуваат најразлични спортски федерации, како и граѓани од целата држава и сите возрасти кои ќе имаат можност да вежбаат и истовремено да се забавуваат.

Европската недела на спортот завршува со еден многу интересен настан кој исто така нуди дружење, забава и активност, пренесуваќи ја #BeActive пораката. На 30. септември од 10 до 12 часот се организира фестивал каде што заедно ќе го искачуваме Водно. На овој настан ќе присуствуваат претставници на федерации чија цел ќе биде да се овозможи секој заинтересиран да ги тестира своите способности во омилениот спорт. Тука ќе има пинг понг маси, голем кош, фудбалски балон, простор за мечување, трка со вреќи и уште многу други изненадувања. Покрај сите овие забавни активности на крајот од настанот присутните ќе бидат наградени вртејќи го среќното тркало во зависност од она што ќе го добијат.

Љубителите на спортот и физичката активност несомнено ги очекуваат денови исполнети со многу активности. Бидете и вие дел од овие незаборавни настани и грижете се за себе и своите најблиски одржувајќи го своето здравје.




Коментари

коментари