Ова е местото во Индија во кое за секое родено девојче се засадуваат по 111 стебла

Има едно прекрасно село во Индија, поразлично од сите други села и градови во светот. Во ова село, кога ќе се роди девојче, се слави на необичен начин.

Пиплантри е село во Раџистан во кое последните 13 години, секогаш кога ќе се роди, жителите садат 111 стебла. Родителите на девојчето, покрај тоа што садат дрвја за новородената ќерка, потпишуваат и законска изјава дека таа ќе добие комплетно образование и дека нема да се омажи пред 18 години.

Освен тоа, селаните се здружуваат и собираат пари кои се некој вид депозит кои девојчето може да ги подигне кога ќе наполни 20 години. Во земја како што е Индија, каде што раѓањето на машко дете се слави најмногу, а масовно се вршат абортуси на женски бебиња, приказната за Пиплантри дефинитивно прави голема разлика и од неа можеме многу да научиме.

Сѐ започнало не многу одамна, во 2006 година, кога поранешниот поглавар на селото ја изгубил ќерката Киран. Сакајќи да го задржи споменот на неа и да ја оживее праксата на славење на раѓањето на девојчињата, со мештаните го постигнал овој необичен договор, а освен што садат по 111 стебла, родителите мна новородените ќерки преземаат обврска да се грижат за посадените дрвја.

Во Пиплантри секоја година се раѓаат околу 60 девојчиња, но праксата да се абортира во случај да е женско дете сѐ уште е честа и тоа од повеќе причини. Пред сѐ, поради миразот кој е голем трошок за просечно семејство, но и конзервативните верувања поради кои женските деца се сметаат за помалку вредни. Поради тоа, забраната на тестирање на полот на фетусот е една од мерките кои ја воведе индиската влада за да се спречат абортусите, како и отстранување на обврската за мираз.

Сепак, Пиплантри со својата политика и понатаму е своевидна оаза, а жителите дури и нашле начин да заработат од дрвјата кои ги садат за девојчињата. За да ги заштитат од термити почнале да одгледуваат алое вера и да развиваат производство на база на оваа состојка. Тоа е сега главниот извор на приходи за многу нивни семејства, а економскиот раст е евидентен.

Има ли подобар доказ дека едноставната иницијатива и работа можат да го променат погледот на општеството, но и на поединецот?




Коментари

коментари