Ова се руските пилоти кои спасија 233 животи: Без многу искуство го направија невозможното

За само неколку секунди, два пилоти успеале да го приземјат онеспособениот авион во поле со пченка во близина на Москва и така спасиле 233 животи.

Откако јато птици го попречил моторот на авионот со 233 патници и членови на екипажот, рускиот пилот Дамир Јусупов и копилотот Георги Мурзин морале брзо да реагираат. Секунди одлучувале за животите на сите во авионот „Ербас“ 321 руск.

Авионот само што полетал од аеродромот „Жуковски“ кај Москва, а јатото птици ги запреле двата негови мотори. Пилотите одлучиле принудно да слетаат „на стомак“ во поле со пченки, далеку од куќите и на тој начин ги спасиле сите во авионот.

Дамир Јусупов, 41-годишниот пилот роден во Сибир не е типичен пилот. За разлика од неговите колеги врсници, тој нема десетици илјади часови летање зад себе. Напротив, Јусупов во својата кариера како пилот одработил само три илјади часови летање. Тоа е двојно помалку од она што е потребно, но тоа не се покажало како пресудно во кризата која настанала и морало веднаш да се реагира.

Инаку, Дамир во тинејџерските години бил одбиен од школото за пилоти поради медицински причини. Наместо за пилот, тој се школувал за правник. Незадоволен со тоа што не му се исполнил сонот, по завршувањето на школувањето одлучил да се преквалификува. Пилотската школа ја завршил со одличен успех. Неговите колеги го опишуваат како смирен, скромен и професионалец.

Летот во кој биле загрозени животите на сите го опишал на конференцијата за новинарите.

„Имавме и други опции и добро е што не ги искористивме. Да се обидевме да се вратиме, не знам што ќе се случеше“, изјавил тој за присилното слетување во полето со пченки.

На новинарите им раскажал дека најпрво сакал да го сврти авионот, но кога видел дека и другиот мотор се расипал – знаел дека ударот на земја е неизбежен.

Донеле одлука да слетаат „на стомак“, без спуштање на тркалата бидејќи така постоела опасност авионот да се преврти и последиците да бидат многу полоши.

„Се обидов меко да го приземјам авионот така што слетувањето би поминало со минимална брзина“, раскажувал Дамир. „Не се чувствувам како херој бидејќи го направив она што беше потребно за да го спасам авионот, патниците и екипажот.

Георги Мурзин, 23-годишниот копилот добил лиценца за пилот пред само две години. Дипломирал на Државниот универзитет за цивилно воздухопловство во Санкт Петербург во 2017. година. Младиот пилот имал собрано само 600 часа летање во моментот кога се нашол во ситуацијата во која ниеден пилот не сака да се најде.

Слетувањето на авионот го пофалиле медиумите, но и стручњаците.

„Пилотите се снашле одлично бидејќи биле прилично ниско кога се случил ударот од птиците, а сила во моторите речиси да не постоела“, изјавил Давид Лаермонт, уредник на магазинот ФлајтГлобал. „Русија има историја со одлични пилоти, тоа е професија на која Русите се горди“, додал тој.

Кремљ најавил дека ќе ги одликува „пилотите-херои“.




Коментари

коментари