Категории

Пијанистичкиот виртуоз Даниел Харитонов настапува со Македонската филхармонија

„Лауреати“ е насловот на првиот концерт на Македонската филхармонија во новата 2018 година, кој ќе се одржи овој четврток (18 јануари) во 20 часот. Под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијаното, Даниел Харитонов!

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, пијанистот Даниел Харитонов ќе се прослави како еден од најсјајните таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката ќе биде воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар ‘Чајковски’“ и од тогаш неговата кариера рапидно расте, настапувајќи со престижни оркестри и врвни диригенти.

Даниел Харитонов за македонската публика ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист.

На програмата оваа вечер се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

Прегледи:
381
Објавено на:
17.01.2018