Писмо до родителите на здравите деца: Научете ги дека мојата ќерка не е чудовиште!

На родителите е да се погрижат нивното дете да научи за толеранција, да го прифати различното, да има разбирање, сочувство, еден ден да порасне во добра личност. Една мајка, преку ова отворено писмо сакала да ги потсети токму на тоа.

Тања Томиќ Домиќ преку Фејсбук ја упатила својата порака до родителите, делејќи го своето искуство како мајка на дете со посебни потреби.

„Драги пријатели, поголемиот дел од вас знае дека сум мајка на две прекрасни деца. За жал, Мила е дете со потешкотии. Таа не го избра тој пат. Ниту пак ние, како нејзино семејство. Како и сите останати семејства на деца со потешкотии. Едноставно се најдовме во таа приказна и се трудиме колку можеме. Дека е лесно, не е“, навела во своето отворено писмо. Всушност, станува збор за една молба, а факт е дека оваа жена почувствувала потреба да ја упати особено кон поддржвачите на современото општество.

„Ви се обраќам со молба да одвоите пет минути и да разговарате со своите деца, објаснувајќи им дека не се сите родени под среќна ѕвезда да бидат здрави. Научете ги дека не е убаво да исмејуваат и да покажуваат со прст, дека не е убаво да велат за децата со потешкотии дека се чудовишта, дека не е убаво да прашуваат дали е таа попаметна или кучето. Нашиот син многу пати беше предмет на исмејување поради неа, ни крив ни должен. Многу пати досега ни се стега срцето и очите ни се насолзуваат. За нас Мила е совршена таква каква што е. Ве молам, научете ги дека и различното за некого е совршено“, напишала во своето обраќање Тања.

Нејзиниот статус имал околу две илјади споделувања за само неколку денови, а од целиот регион се приклучиле луѓе кои упатиле поддршка и ги поделиле своите искуства.

Ова отворено писмо нека служи како потсетување за сите нас без разлика на возраста кои некогаш забораваме дека да бидеш различен не значи дека вредиш помалку. Да заборавиме на предрасудите, да се потрудиме секогаш да ја гледаме добрата страна во секое живо суштество!




Коментари

коментари