По повод Светскиот ден на дијабетес: Kомпанијата „Варус“ и Здружението на лекари по општа – семејна медицина во кампања за подигнување на свеста за предијабетес и дијабетес

Компанијата „Варус“, овластен застапник во РС Македонија на водечката научно-технолошка фармацевтска компанија „Мерк“, Германија во соработка со Здружението на лекари по општа – семејна медицина започнува кампања за подигнување на свеста за превенција на развојот и контролата на дијабетесот. Компанијата се приклучува кон глобалната кампања по повод Светскиот ден на дијабетес, кој Меѓународната федерација на дијабетес, со низа активности, го одбележува секоја година на 14 ноември.

Кампањата достигнува публика од над 1 милијарда луѓе во повеќе од 160 земји. Претставува глобален двигател за промоција на важноста за преземање на координирани и усогласени активности и соочување со дијабетесот како клучно глобално здравствено прашање, поставувајќи го дијабетесот во центарот на вниманието на светската јавност и политика.

Оваа година, кампањата става посебен акцент за превенцијата на дијабетес мелитус и соодветната контрола и третман на предијабетесот, кој навремено дијагностициран, му дава на пациентот можност преку промена на животниот стил и примена на соодветна терапија да го превенира или одложи развојот на дијабетес мелитус тип 2.

Кампањата ќе се одвива на FB и Instagram страниците „Здравјето приоритет- Аларм за свест “ на која во периодот од 4 до 30 ноември ќе бидат споделувани пораки и содржини поврзани со препознавање на предијабетесот, ризик фактори и симптоми, превенција и третман.

Инаку, бројот на заболени од дијабетес мелитус во нашата земја е во пораст. Минатата година бројот изнесувал 120.000 од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Од вкупниот број пациенти, регистрирани биле 500 деца заболени од дијабетес мелитус на возраст до 14 години. На еден дијагностициран постои еден кој не е и незнае дека ја има болеста.

Во светски рамки, според Меѓународната федерација за дијабетес во 2017 година, бројот на возрасни лица од светската популација со нарушена гликозна толеранција изнесувал 352,1 милиони, а до 2030 година, приближно 7% од светското население или околу 400 милиони лица, ќе има нарушена гликозна толеранција. Се проценува дека околу 70% од лицата со нелекувана IFG (Нарушена гликемија на гладно) и / или IGT (Нарушена гликозна толеранција) ќе развијат дијабетес мелитус тип 2 во следните неколку години. Предијабетесот е исто така честа состојба кај младата популација во светот.

Речиси една третина од пациентите со предијабетес се на возраст помеѓу 20 и 39 години, а речиси половина од вкупниот број се на возраст под 50 години.

*Светскиот ден на дијабетес беше стартуван во 1991 година од страна на Меѓународната федерација на Дијабетес и Светската здравствена организација како одговор на зголемената загриженост за ескалацијата на здравствената закана предизвикана од дијабетесот. Светскиот ден на дијабетесот стана официјален ден на Обединетите нации во 2006 година со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на

Обединетите нации. Се одбележува секоја година на 14 ноември, роденденот на Сер Фредерик Бантинг, кој го открил инсулинот заедно со Чарлс Бест во 1922 година.




Коментари

коментари