Категории

“Ситни работи“ знаат да ми донесат радост секој ден. – Нина Николиќ

Понеделникот нека ви започне со мотивацијата на личноста која ужива во развивање на потенцијалот и квалитетите на луѓето околку неа, а особено во стартап заедницата.

Преку нејзините статии се запознаваме подобро со стартап заедницата во нашата земја, а преку нејзината харизмa и моќ на вмрежување ги запознаваме стартапџиите на балканот и пошироко. Нина Николиќ е еден од основачите на Стартап Макединија и основоположникот на иницијативата Womenpreneurs Stories која има за цел да ги охрабрува, поддржува и поттикнува жените претприемачи не само во Македонија туку и на Балканот. Пред  5 години благодарение на Swissep – Швајцарската програма за претприемништво таа ја доби својата работа од соништата, а денес таа е еден  од лидерите кои го развиваат нашиот иновативен стартап екосистем.

Таа е позитивист и човек кој отстварува секоја своја замисла преку труд и напорна работа истовремено уживајќи во креативниот процес на реализација на поставента цел. Оние кои добро ја познаваат, знаат дека таа пронаоѓа начин да ги инспириа и мотивира дури и преку нејзините секојдневни постапки, а на нејзините социјални профили секој понеделик споделува интересни мисли за позитивен и продуктивен почеток на неделата.

Па, затоа вреди и вие да ги започнете вашите неделни предизвици со буст на енергија и љубов кон себе, благодарение на Нина. Еве што ни откри таа за нејзиното секојдневие, темпо на живот и инспирација:

Како Нина ужива во своите утра?

Нина: Секое утро ми започнува со барем 1-2 snooze на алармот морам да признаам, не сум од тие ранобудните што стануваат од кревет и без аларм, се уште. И првиот час од денот си е само мој. Посветувам околу 10 минути за медитација, си го пуштам омиленото радио, спремам појадок и уживам со турско кафе со цимет. После овој утрински ритуал отварам мејл и започнувам со работа, периодов најчесто од домашната канцеларија или remotely.

Од каде црпиш мотивација и инспирација, кога те очекува напорна недела?

Нина: Најголема мотивација и инспирација дефинитивно ми е тоа што навистина го сакам тоа што го работам и понеделникот за мене не е “најтешкиот ден од неделата“. Инаку, секаде околу нас можеме да најдеме мотивација и инспирација, во зависност од тоа каде сум со mindset-от во тој момент може да ме инпирира нечива приказна, вест што ќе ја прочитам/слушнам, песна, motivational quotes додека скролам на социјалните мрежи, а најмногу ме инспирираат патувањата…

Кога ќе влезам во некоја комфорна зона, најчесто си симслувам нов предизвик, нова иницијатива да започнам и ги собирам околу мене луѓето кои знам дека сакаат заедно да креираме можности и вредност во нашето општество, па тоа ми дава дополнителен елан и мотивација за сите препреки и предизвици да ги надминам.

Која е твоја омилена лекција од изминативе месеци?

Нина: Тоа што сите некако успоривме темпо. Мислам дека се живееше многу брзо, беа испомешани вредностите и приоритети кај луѓето, па и кај цели општества. Се надевам на индивидуално ниво дека сите “се преиспитавме“ и многу подобри, попаметни и посолидарни ќе продолжиме понатака, во заедници преку кои ќе допринесуваме за промени кон подобро. Оптимиста сум.

Што најмногу те радува?

Нина: Патувања…“Ситни работи“ знаат да ми донесат радост секој ден. Кога ќе си ја слушнам омилената песна на радио на пример, маалските кучиња, повик или порака од пријател/ка со кој/а не сме разговарале одамна. Среќна сум и кога некому сум успеала да му помогнам со можност за раст на нивниот стартап, со секој успешно завршен проект или mileston при развој на нашиот стартап и иновативен екосистем.

Што ќе ни препорачаш како мотивација за оваа недела?

Нина: Размислете што е нешто што ви претставува проблем или предизвик и зошто нема решение за истото. Прогуглајте примери за решенија за вашиот предизвик и доколку мислите дека имате решение со потенцијал за бизнис, контактирајте не во Стартап Македонија, со тимот ќе ви дадеме насоки и поддршка за следните чекори. Па се надевам за некоја година дека ќе прочитаме за некој од вас кој што сега се инспирирал и направил нешто што решава некој предизвик, па ќе не мотивира сите нас со неговиот/нејзиниот стартап.

Нина фала ти за одвоеното време среќа е што те имаме, ти посакувеме многу успех во иднина, а на сите вас ви посакуваме успешен почеток на неделата.