Категории

Предмети во домот кои не ги чистиме доволно често, а пренесуваат многу бактерии

Грижата за хигиената околу домот не е едноставна обврска, а некои работи често забораваме да ги исчистиме и собираат нечистотија и бактерии. Ова се некои од нив кои треба да се чистат почесто, а обично ги занемаруваме…

Кантите за ѓубре

Повеќето луѓе ставаат кеса за ѓубре во кантата и ја фрлаат кога ќе се наполни, а ретко кога ја чистат и самата канта. Отпадоците многу често завршуваат надвор од кесата, а исто така се случува од неа да истече и течноста од ѓубрето. Затоа, кога ќе го фрлате ѓубрето, испрскајте ја кантата со средство за дезинфикација и пребришете ја, а барем еднаш во месецот измијте ја со детергент и топла вода.

Кваките и прекинувачите за светло

Само помислете колку пати во денот ги допираме прекинувачите за светло или кваките и веќе ќе добиете претстава колку бактерии се собираат на нив. Без разлика на тоа што мислите дека имате чисти раце, секогаш кога ќе ја отворите вратата или ќе запалите светло на рацете пренесувате бактерии. Затоа, редовно пребришувајте ги со средство за дезинфикација.

Тастатурата на компјутерот

На копчињата од тастатурата, освен бактерии, се пренесуваат и мртви клетки од кожата, косата и трошки од храна. Во зависност од тоа колку време поминувате пред компјутерот, барем секој втор месец поминете ја тастатурата со правосмукалка. Потоа, натопете неколку стапчиња за уши во алкохол и поминете ги просторите помеѓу копчињата со нив.

Машина за миење садови

По миењето на садовите, во машината може да се насобере сапун, парчиња храна и маснотија, кои го намалуваат ефикасното работење на апаратот. Идеално е еднаш во месецот да го извадите филтерот и да го исчистите со сода бикарбона и оставете го така 12 часа. По 12 часа додајте една чаша оцет и пуштете еден празен циклус.

Мобилен телефон

Во текот на денот безброј пати го допираме мобилниот телефон – разговарајќи, пишувајќи пораки, играјќи игри. А рацете не секогаш ни се потполно чисти. На овој начин бактериите се пренесуваат и на лице и може да предизвикаат црвенило, па дури и осип. Мобилниот телефон треба да се пребрише со средство за дезинфикација барем еднаш неделно.

Прегледи:
359
Објавено на:
13.12.2017