Приказна за црвениот куфер

Приказна за црвениот куфер

 

Вистина е дека церемонијата на отворање тестамент по службена судска постапка очекував да биде малку поинаква. Но како за прво отворање тестамент во мојот живот беше сосема во ред. Бев наполно смирен, искрено неочекувајќи ама баш ништо. Не знам ни зошто морав да бидам присутен кога покојникот за сиот живот го имав видено едвај десеттина пати.Но ете, моето име некако се нашло на фамозниот список, па соодветно на тоа, потребно беше и моето физичко присуство. Целиот чин не треаше повеќе од половина час. За тие трисеттина минути, можев да видам како се кршат очекувања, се раѓаат изненадувања…како смртта од трагичен настан се претвораше во радосна претстава.  А мене ми беше сосема небитно. Сепак, по некое време, го чув своето име, и додека станував, ми пријде еден средовечен маж, давајќи ми голем црвен куфер, излитен од времето и изморен од сиот оној пат кој го поминал. А бев сигурен дека навистина многу поминал. Излегувајќи од судот, го носев куферот со неописива љубопитност. Љубопитност која ме следеше се до дома, одвреме навреме шепкајќи ми што побрзо да го отворам куферот, иако по неговата тежина се чинеше дека во него нема ништо повеќе од неколку летни кошули. Долго време седевме со мојата љубопитност, загледани во стариот масивен и излитен куфер. По кратко време станав и ритуално тргнав кон куферот. Имаше свеченост сиот тој момент. Па побогу, не се добива наследство секој ден. И тоа од човек за кој не знаете што бил, ни кој бил, ниту во што сродство сте…или сте биле. Сиот спомен на тој далечен вујко, чичко, дедо се кратки секвенци на сеќавања…некои негови посети, некои мои посети на неговиот имот каде што едвај онака детски пробував да го сфатам животот. Ете тоа го имав од него. Само бледи слики, милиони приказни разкажани за него, и овој стар куфер. Се потсетив на некои стари разговори што моите роднини ги водеа за него. Дека го има пропатувано целиот свет, дека стекнал неброено многу пари, дека на неговите имоти доаѓале сите видни луѓе одоколу.  Се потсетив на моите безгрижни летни трчања во неговиот огромен двор, додека тој со истата таа безгрижност ги пушеше своите омилени кратки цигари, загледан спроти сонцето. Не, не можев да издржам повеќе. Се восхит го отворив куферот. А во него ме пречекаа десеттици и десетиици писма, спакувани во пликоа со различни бои и големини, обележани со различни бројки. Искрено почуствував блага вознемиреност додека го земав првиот плик, бел и обележан со бројот еден. Ја чувствував вознемиреноста дури и кога го отворав и ја читав неговата содржина.

 

„ Драг Б,

Знам дека ќе бидеш изненаден кога ќе го отвориш куферов, и знам дека долго ќе се прашуваш кој сум јас. Вистина, не те познавам ниту јас тебе. Последното сеќавање на тебе ми беше кога беше сосем пријатно и нималку здодевно дете, на осум, можеби девет години. Со онаа љубопитност во очите и наивност во зборовите. Чудно, но еве и сега после повеќе од двеасет години, јас се уште мислам дека си она исто дете, што трепереше од мојот строг поглед. Верувај, јас никогаш и сум немал поинаков поглед. Како и да е…јас сум твој далечен предок, не знам точно што и кој, но дел од нашата крв е идентична. Никогаш не сум сакал да проверувам, ниту ме интересирале тие семејни стебла, роднински премрежувања и слично. Но она што јас бев, сега веќе не е битно. Многу побитно е што ќе бидеш ти. Јас го прожиевав своето. Некои сметаа дека преубаво сум ги потрошил своите години. Јас мислам дека можев и поубаво, но еве кога крајот ми се наѕира, сепак не се жалам и не се кајам. Продолжи Б, продолжи да ги отвораш подароците што ти ги оставив. Верувам дека ќе ти се допаднат.“

Стоев неколку минути пред листот хартија навезен со совршено убав ракопис, за кој не можев да поверувам дека е напишан од машка рака. Внимателно ја свиткав хартијата и ја оставив на страна, тргнувајќи да го отворам новото плико, кое за разлика од претходното беше многу поголемо и посвечено. Од неговата внатрешност извадив една стара и луксузна вратоврска, со интересна комбинација на црвена и сина боја. Вратоврска која во своето време, навистина чинела многу. Не и посветив премногу внимание, туку продолжив да ги отворам писмата, по нивниот нумеричички редослед. И се редеа: фотографија на мојот роднина со некоја преубава жена на некој луксузен брод, табакера со златни иницијали и број 1988, две коцки најверојатно за барбут, луксузно пенкало со шише мастило… Следното плико беше полно со напишани листови хартија. О да, тоа беше навистина тешко плико. Не можев да ги прочитам сите тие листови. За тоа сигурно ќе ми требаа неколку денови. Го земав првиот лист и почнав да го читам:

 

„Драга Ана,

Денес повторно ја облеков онаа кравата што ја носев на денот кога почнав да работам. Застанав пред огледалото и се погледнав со овој мој дотраен вид. Смешно беше признавам. Смешно ми стоеше краватата а и целото лице над нејзе, додека се поткревав очекувајќи да те видам над огледалодо, како ми даваш знак на одобрување. Драга Ана, јас синоќа пак те сонував…сонував како трчаш по нашите деца низ дворот, нервозно дерејќи ми се дека токму јас сум ги разгалил. Дека сум им допуштал многу, дека ретко сум бил со нив и со тебе, дека сум трошел безброј ноќи играјќи барбут со пријателите. Но важно ли е сега тоа Ана? Знам дека тебе не ти е. Но мене, ете ми помага. Јас немам поубаво потрошено време од она кое го користам за да ти пишувам. Тешко е Ана…во овие години да немаш некој кој ќе те натера да му се издереш. Некој кој ќе те изнервира, некому кому можеш да се налутиш, макар на час или два. Тешко е да ги гледам сите оние љубезни дами, кокети и придружнички и што ли уште не како навидум уживаат во мое присуство, а сите знаеме што очекуваат.  Но сепак, не е страшно. Го навикнав времето без тебе, се навикнав да се поднесувам себеси, дури и кога немам причина за тоа. Ана…јас повеќе нема да ти пишувам. Не затоа што не сакам, туку затоа што знам дека времето ми истекува…и доста беше ако ме прашуваш мене. После сите оние години на блуд, разврат и пороци не ни очекував дека ќе живеам олку долго. Се гледаме Ана. Се гледаме во некој друг свет, кога ќе дојдеш. И се надевам дека таму ќе имаме се што овде уништивме. Дека ќе бидеме малку подобри од она што го живеевме тука. Збогум.“

 

Можеби со часови стоев скаменет пред куферот. Ги распоредив сите предмети од куферот, гледав слики, слушав зборови. Во еден момент сфатив дека сите писма напишани до Ана никогаш не се ни пратени. Сигурно и не знаел каде да ги прати. Се наежив од нивниот број и зборовите напишани во нив. Сите зрачеа со неверојатна искреност, со тешко каење, и уште потешко признавање. Несвесно погледнав кон дното на куферот, забележувајќи едно внимателно и сосема убаво спакувано плико. Дефинитивно беше последното. Немаше број на него. Само ситно и внимателно напишано аманет. Не брзав со отворањето. Го отворав полека, се уште растрвожен од се она што го живеев последниве неколку часа. На хартијата го немаше оној убав ракопис. На негово место беа букви отчукани на машна за пишување:

 

„Никогаш немој да дозволиш да имаш премногу години а премалку дела зад тебе.

Драг Б, јас го живеев животот напразно. Знам дека сите мислат дека е поинаку, но не е. И знам дека сите би се менувале со мене. А и јас со нив…камо среќа да можев. Знам дека сите ми завидуваа. На местата на кои сум бил, на жените кои сум ги имал, со сите оние скапи автомобили часовници и куќи. И јас им завидував…на спокојот во кој живееја. На нивните наследници. На нивните ќерки и синови кои ги подигаа и ги воспитуваа да бидат што подбори, за еден ден да дочекаат и внуци. А јас, зад себе немам ништо. Освен овој куфер полн со себе. И кога го пишувам ова се чувствувам како да му пишувам на својот син. Ете, јас немам никој поблизок на кој можам да му кажам се, кој можам да го насочам да стане подобар човек. А сега вети ми, дека за две години од денес ќе се ожениш со својата најголема љубов. Дека куќата ќе ви биде полна со детски џагор, дека ќе бидеш горд на своите деца и секој ден ќе ги гледаш како стануваат подобри личности. Верувај дека тоа е најголемата радост. Вети ми дека ќе бидеш среќен. Ќе ми значи тоа. А и тебе, те уверувам. Кога е среќен, човек и смртта полесно си ја поднесува. Во внатрешниот џеб од куферот има две сметки од банки, со полномошно на твое има. Те благословувам парите да ги извадиш и да ги трошиш само тогаш кога ќе ти се роди првото дете. И никако поинаку. Доколку постапиш поинаку благословот ќе стане клетва. Збогум Б, збогум и жалам што не се запознавме подобро, но и вака верувам во тебе, па ти си се уште она искрено и наивно дете кое последен пат го видов.

Збогум Б.“

Илјада мисли ми прелетуваа низ глава. Се редеа чувства од тага до смеа, од радост до плач. Не знаев како човек треба да се чувствува кога ќе добие нечиј живот спакуван во огромен куфер. На крајот едно беше сигурно. Од тој ден јас веќе не бев истиот. Од тој ден повеќе не пишувам писма кои нема кому да ги испратам. Ниту одам на места на кои не треба да бидам. Еве и денес, десет години оттгоаш, има моменти, кога ја земам табакерата со златни иницијали, палам една кратка цигара, и загледан кон сонцето ја слушам сопругата како нервозно се дере по мене, обвинувајќи дека сум ги разгалил децата. Дека премногу време минувам играјќи барбут со пријателите.

 

 

Автор: Бранислав Ѓорѓевски

 

 




Коментари

коментари