Категории

Прошетка до едно од најубавите скриени езера во Македонија…

Станува збор за Црно Езеро, но ќе се запрашате зашто скриено? Со неговата надморска височина од 2.122 метри, високо во карпестите, крајни предели на Шар Планина, како и со специфичното камено дно, неверојатно бистрата вода слободно го нарекуваме скриениот црн бисер на Шара.

Прошетката мора да се стави во наводници, бидејќи таму не одведе пат од 9 километри, а впечатоците би се сумирале вака…

„Недела како недела, секогаш на планина. Така и оваа, само што оваа недела беше во еден од најтоплите периоди, а ние рано наутро се упативме кон омилената ни наша, Шар Планина.
Шара прекрасна како и секогаш. Село Ѓурѓевиште ни беше почетната точка, рано наутро додека селаните се будеа ние се подготвувавме за тргнување, собрани 100 љубители на планината.

Сонцето рано наутро печеше, ветуваше еден топол летен ден. Знаевме, спремни бевме, понесовме крема за сончање и костими за капење, сепак Црно Езеро беше дестинацијата.



Шара нели, прекрасна како и секогаш, те храни со највкусните шумски јагоди кои сите ги собиравме со посебна радост и те опива со нејзините мириси од расцветаните билки и цветови.

Иташ кон езерото, ловејќи ја секоја сенка и радувајќи се на секое ветре, патем муабетиш, склопуваш пријателства и уживаш во пејсажите кои ти ги нуди ова парче земја. 

 


Езерото скриено меѓу Бориславец и Рудока, опкружено со живописни карпести висини, со бистри води и каменесто дно. Немо го гледаш и сфаќаш дека вредел секој чекор и секоја капка пот кои те довеле дотука. 



Кратка пауза и се упатуваме кон Рудока, додека едната група денот ќе го помине уживајќи на нашата Hiking плажа, една група се упатува кон врвот во близина на езерото. Денот станува се потопол, но нас ништо не не одвратува од желбата да се упатиме низ карпестиот предел на Шара. Секоја карпа приказна за себе, филмски пејсажи кои те вчудоневидуваат и не го чувствуваш уморот.

 


Рудока се исправа пред нас, стрмна и убава, те мами да и пријдеш директно, како и што направивме. Едногласно решивме да се качуваме од стрмната страна, уживавме во секој чекор, движејќи се полека и шегувајќи се попат, да ни биде качувањето полесно. Горе? Неверојатно! Стоиш на границата меѓу Македонија и Косово, прекрасни пејсажи од двете страни и небо прошарано од облаци. 


Нашето екстремно уживање беше на 2658 надморска висина, а долу покрај езерото вистинско летно уживање, чиниш покрај морските брегови си. Хедонизам до бескрај, со чадори и лежалки, кафе и салати, од се по нешто покрај бистрото езеро во бикини и со заштитен фактор. Ние итаме надолу, Рудока и сонцето не изморија, се разладуваме во студените шарски води.

Со последни сили и полни души се враќаме назад, патем собирајќи цветови мајчина душичка и кантарион, ги впиваме последните Шарски мириси и си ги раскажуваме впечатоците.
Ова беше еден убав топол летен ден.“

 

М.Ѓ.