Категории

Прв случај во регионот: Во „Аџибадем Систина“ спасен е животот на трудница со дисекција на аорта, бебето e во стабилна состојба

Кардиохируршкиот, гинеколошкиот и педијатрискиот тим на „Аџибадем Систина“ го спасиja животот на 27-годишна трудница која во 31. гестациска недела во животозагрозувачка состојба, со знаци на тешка форма на дисекција на аортата дојде во ургентниот центар на болницата.

Со итен царски рез пред сè е спасен животот на бебето, а потоа се продолжи со операција на аортата. И бебето и мајката денес се во стабилна здравствена состојба.

Ова е прв случај во регионот во кој е изведен царски рез и кардиохируршка операција и се спасени два животи. Ваквиот историски успех ја вбројува „Аџибадем Систина“ во листата на врвните центри каде што може да се третираат и најкомплексни кардиохируршки интервенции. Во стручната литература досега се објавени неколку вакви случаи во САД, каде што трудниците биле во поодмината бременост (34-35. гестациска недела). Смртноста кај вакви случаи се проценува на 55- 60 %.

Пациентката не била прифатена од сите други болници и кардиохируршки центри

Поради комплексноста на случајот, пациентката, иако се упатила со силна градна болка, отежнато дишење и во тешка општа состојба, била одбиена од другите болници во Скопје со образложение дека не можат да ја третираат.

„Најголемо разочарување за нас беше болницата Филип Втори. Жена ми одвај стоеше на нозе, а тие не се обидоа да направат нешто, само кажаа – ние не можеме да ви помогнеме, немаме услови за да ја спасиме пациентката, одете веднаш во „Аџибадем Систина“. На државна клиника и во Градска општа болница „8 септември“ сопругата не ја ни сметаа за итен случај, морав сам да инсистирам за да и направат дополнителни испитувања.“ – вели сопругот на пациентката Селам Муареми.

Итен царски рез

Ваквата состојба е животозагрозувачка, особено во овој случај, каде што беше потребно да се спасат два човечки животи, на мајката и бебето.

„Поради итната потреба од операција на аортата, кај пациентката конзилијарно беше одлучено да се изведе итен царски рез во општа анестезија. Операцијата помина во најдобар ред и на свет беше донесен жив машки плод. Потоа продолжи кардиохируршката интервенција“, вели м-р д-р Златко Палчевски, гинеколог – акушер кој го изврши породувањето.

Прв ваков случај во регионот

Проф. д-р Александар Николиќ, кардиохирург со долгогодишно искуство, вели дека ваков комплициран случај во кој преживеало и бебето досега не е регистриран во кардиохируршките центри во регионот.

„Дисекција на аортата е една од најчестите причини за смртност, а кај пациентката самата бременост дополнително ја отежнуваше состојбата. Ова беше голем предизвик за целиот тим на „Аџибадем Систина“. Гинеколошкиот тим предводен од м-р д-р Палчевски одлично ја заврши својата работа. Потоа следуваше замена на аортната валвула и асцендентната аорта со биолошка протеза. Се одлучивме за биолошка протеза, која ќе овозможи пациентката да има нормален живот и можност за повторно да биде бремена и да може да ја издржи бременоста. Пациентката сега е веќе дома, во стабилна состојба, без никакви компликации“, вели проф. д-р Александар Николиќ, шеф на Одделот за кардиохирургија.

Бебето е во стабилна состојба

„Родено во 31. гестациска недела со 1.800 гр бебето веднаш беше пренесено на Одделот за неонатална интензивна нега каде што беше спроведен третман според најсовремени протоколи од страна на д-р Снежана Палчевска, неонатолог. Целиот тим вложува максимален ангажман за стабилизација на виталните функции, пред сè на дишењето и срцевата работа, но и на сите други функции во смисла на исхрана, особено специфична за предвремено родени бебиња. Здравствената состојба на Сејар е сега стабилна и се надеваме дека за кратко време ќе може да си замине дома“, вели д-р Душко Фидановски, шеф на Одделот за педијатрија.

„Аџибадем Систина“ е единствена болница подготвена да одговори на вакви случаи

Успешниот третман на мајката и бебето е само потврда на стручноста, екипираноста и подготвеноста на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ да одговори и на најкомплексни случаи каде што е потребен тим од различни специјалности. Мултидисциплинарниот пристап и најсовремено опремената Единица за неонатална интензивна нега резултираше со два спасени човечки животи.

Прегледи:
582
Објавено на:
22.03.2018