Сакате да пишувате мистерии? Ова се неколку правила кои ќе ви ја олеснат задачата

Доколку меѓу вас постојат писатели, или обожуватели на жанрот „мистерија“, за вас издвоивме неколку правила за пишување кои ќе ви ја олеснат задачата или ќе ви помогнат да ја одгатнете мистеријата зад приказната.

Многу луѓе сакаат мистерии, но исто така е и голем предизвик да се напише ефикасна приказна која ќе го задржи вниманието на читателот. Затоа за вас подготвивме неколку правила кои ќе ви овозможат да напишете возбудлива мистерија, било да се работи за книга или кратка приказна.

Секако, не мора строго да се придржувате на овие правила, можат да ви послужат како насоки.

Правило број 1

Читателот мора да има еднакви можности какви што ги има и детективот или истражителот (во приказната) за решавање на мистеријата. Сите индиции треба да бидат јасно наведени и опишани.

Правило број 2

Детективот, односно истражителот, не треба да биде главниот виновник, бидејќи приказната станува криминална драма, но не и мистерија. Доколку детективот е виновник, писателот треба намерно да ги сокрие клучните информации од читателот, со што се крши правилото број 1.

Правило број 3

Мистеријата треба да се реши преку природни средства. Ова значи дека не треба да се користат натприродни информации за решавање на мистеријата, бидејќи со ова ќе го поткопате реализмот. Но доколку се работи за поджанр на мистерија, односно детективска приказна која содржи натприродни елементи, ова правило не вреди. Затоа, пред да почнете дефинирајте го вашиот измислен универзум за читателот да може да ги следи правилата логично.

Правило број 4

Во детективската мистерија нема простор за тајните друштва, мафијата и сл. Нивното присуство се граничи со окултното и води кон мрзливо пишување каде клучните факти се скриени од читателот, односно, познати им се само на членовите на тајното друштво, поради што читателот нема да има можност да го погоди виновникот.

Правило број 5

Виновникот треба да биде личност која игра истакната улога во приказната. Доколку читателот не се сеќава на карактерот, приказната ќе ја изгуби својата длабочина.

За инспирација како треба да изгледа добар детективски роман, ви ја препорачуваме Агата Кристи, која на одличен начин ги применува сите овие правила во своите приказни.

 




Коментари

коментари